Во средината на избраздената површина на планетата Марс се криела голема тајна. Научниците пронашле докази за огромен, древен вулкан и, веројатно, закопан глечерски слој под регионот Ноктис Лабиринтус (лавиринт на ноќта).
Кога експертите од Институтот СЕТИ ја скенирале областа за знаци на можни глечери, тие неочекувано забележале голем вулкан. Не бил забележан порано бидејќи многу еродирал со текот на времето.
Врвот на вулканот е висок повеќе од 9.000 метри, а неговата база се протега на 250 километри. Ова значи дека вулканот Ноктис Монс е седмиот највисок објект на Марс. За споредба, висината на највисокиот неактивен вулкан на Земјата е 6.893 метри.
Голема површина исполнета со псевдократери
Постојат неколку фактори кои укажуваат на вулканската природа на оваа „планина“. Во близина на неговиот центар научниците ги идентификувале остатоците од калдерата - урнат кратер кој некогаш бил исполнет со лава. Во центарот има и многу издигнувања кои прават форма на лак, оцртувајќи ја конусната форма на вулканот. Неговата големина и сложеноста на околниот терен укажуваат на тоа дека Ноктис Монс бил активен многу долго време. На дното на едната страна од вулканот експертите пронашле голема површина исполнета со псевдократери.
Псевдократерите личат на вистински вулкански кратер, но немаат отвор од кој тече лава, односно немаат канал на магма. Се смета дека тие се формирале кога слој од лава прекрил површина богата со вода или мраз - што се совпаѓа со наодите за глацијални наоѓалишта.
Ноктис Монс го добил својот сегашен изглед по еони на топлинска ерозија, глацијална ерозија и колапс. Сепак, останува под знак прашалник што се случува под површината. Според една неодамнешна студија, Марс е геолошки многу поактивен отколку што научниците сметале. Можно е Ноктис Монс да е сè уште активен, но во состојба на мирување, што значи дека може да има загреан регион под површината.
Топлината и водата од останатиот дел од глечерот се предуслови за потеклото на животот каков што го знаеме.
- Вулканот Ноктис е исклучително интересен поради сите овие фактори. Тоа е древен, долговечен вулкан кој еродирал толку многу, што би можеле да одите или да возите по него и да собирате примероци - изјавил планетарниот научник Паскал Ли од Институтот СЕТИ.
- Може да има и долга историја на интеракција на топлина, вода и мраз, што го прави совршено место за астробиологија или за потрага по знаци на живот - додал тој.
Извор: Index.hr
Фото: Andrea Luck/Platform X