X
 31.08.2019 Наука

Самото присуство на личноста што ја сакате ја намалува болката што ја чувствувате

Присуството на личноста што ја сакате може да донесе многу изненадувачки здравствени придобивки. Истражувањата покажуваат дека едноставниот допир на оној што го сакаме може да дејствува како олеснувач на болката. Новите истражувања посочуваат дека дури и самото присуство на личноста што ја сакаме може да помогне да се намали болката.

Истражувањата објавени неодамна покажуваат дека кога се држите за рака со саканата личност, станувате поотпорни на болни стимули.

Ова се случува затоа што кога го допираме тој што го сакаме, нашите мозочни бранови се синхронизираат, правејќи болните стимули да изгледаат помалку болни.

Но, дали едноставното присуство на саканата личност може да го има истиот ефект? Ново истражување спроведено од истражувачите од Универзитетот за здравствени науки, медицинска информатика и технологија во Хол, Австрија, и Универзитетот на Балеарските Oстрови во Палма де Мајорка, Шпанија, дава потврден одговор.

Според истражувачите, самото присуство на личноста во истата просторија може да ја подобри нашата толеранција на болка, дури и ако не се држиме за рака и ако не добиваме вербална поддршка.

bolka
Фото: Freepik

Научниците регрутирале 48 хетеросексуални парови, во кои партнерите имале средна возраст од 25,40 години. Партнерите биле заедно во просек 3,22 години.

За да ја проценат емпатијата на секој партнер, истражувачите ги замолиле кандидатите да пополнат прашалник. Потоа тие тестирале како секоја личност реагирала на болка под притисок во два различни експериментални услови: кога била сама и кога била во присуство на својот партнер.

Во второто сценарио, партнерот, иако бил присутен во собата, останал пасивен, не зборувајќи и не допирајќи го партнерот. За да се измери чувствителноста на болка во секоја пригода, истражувачите користеле специјална алатка позната како алгометар на притисок.

Тимот открил дека и мажите и жените биле поотпорни на болка кога биле во присуство на нивната сакана личност. Покрај тоа, колку било повисоко нивото на емпатија на партнерот, толку била поголема нивната толеранција на болка.

- Истражувачите постојано докажуваа дека разговорот и допирањето ја намалуваат болката, но нашите истражувања покажуваат дека дури и пасивното присуство на партнерот може да ја намали болката, а емпатијата на партнерот може да ја амортизира афективната непријатност за време на изложеноста на болка - изјави авторот Стефан Душек.

Сепак, авторите признаваат дека нивното истражување има одредени ограничувања. На пример, истражувачите изјавија дека кандидатите би можеле да почувствуваат помалку болка кога нивниот партнер бил во истата просторија едноставно затоа што нивното присуство им го одвлекло вниманието од болното чувство.

- Сепак, и покрај ограничувањата, истражувањето обезбеди докази дека присуството на партнерот е ефикасно за намалување на акутната болка дури и без да има некаква повратна информација - велат истражувачите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука