X
 22.03.2024 Наука

Една третина од светското население пати од несоница - главните виновници се овие два пијалаци

Недоволниот сон станува глобален здравствен проблем, при што приближно една третина од светската популација има симптоми на несоница.

Се проценува дека 70 милиони Американци страдаат од нарушување на сонот. Оние што се борат со дневниот замор поради лошиот сон честопати посегнуваат по пијалаци со кофеин за да останат будни, додека други навечер консумираат алкохол за да можат да заспијат.

Неодамнешно истражување објавено во списанието „Плос уан“ ги разгледува комбинираните ефекти на кофеинот и алкохолот врз целокупниот сон, откривајќи потенцијална неповрзаност помеѓу перципираниот и вистинскиот квалитет на спиењето.

Истражувачите од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон откриле дека луѓето што консумираат кофеин во текот на денот и алкохол во текот на ноќта не забележале пад на квалитетот на спиењето, за разлика од индивидуалните ефекти на супстанциите.

Френк Сонг, истражувач на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон и главен автор на истражувањето, истакнува дека и покрај претходните истражувања кои одделно ги истакнале штетните ефекти на кофеинот и алкохолот врз спиењето, ниту едно истражување не го истражило нивниот комбиниран ефект врз секојдневниот живот.

Претходните истражувања го поврзуваа зголеменото консумирање алкохол со послаб квалитет на сонот и пократкото времетраење на спиењето, додека кофеинот се покажа дека го одложува почетокот на РЕМ-спиењето и го намалува севкупниот квалитет на сонот со континуирана употреба.

Намалено времетраењето на спиењето

Истражувањето се фокусирало на 17 мажи, финансиски трговци со полно работно време, група позната по редовно консумирање кофеин и алкохол. Анализирајќи ја индивидуалната употреба на супстанции, истражувачите откриле дека секоја шолја кофеин консумирана претходниот ден довела до намалување на времетраењето на спиењето во просек од 10 минути.

Учесниците што консумирале алкохол претходниот ден пријавиле намалување на квалитетот на сонот од 3 отсто во просек по пијалак.

Кога ги испитувале комбинираните ефекти на кофеинот и алкохолот врз перципираниот квалитет на сонот, истражувачите откриле дека седативните ефекти од вечерната консумација на алкохол ублажуваат дел од негативното влијание на дневното консумирање кофеин. Сепак, вообичаената употреба на една супстанција за да се спротивстави на ефектите на друга укажува на шема на самолекување, потенцијално прикривајќи го падот на квалитетот на сонот.

Д-р Џон Саито, пулмолог, вели дека алкохолот како седатив го нарушува враќањето на сонот, додека кофеинот како стимуланс го намалува времетраењето на спиењето блокирајќи ја перцепцијата на поспаност.

Д-р Моник Меј вели дека наодите од истражувањето би можеле да послужат како предупредување за пациентите за ризиците од самолекување, со можност на поединците да им треба постојано зголемување на количините на супстанцијата, што претставува ризик од зависност од алкохол. Таа ја нагласува важноста да се препознае негативното влијание на алкохолот врз квалитетот на сонот и кофеинот врз количината на сонот.

Извор: Krenizdravo.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука