Судејќи по бројот на рекреативни тркачи со кои јас работам, но и по оние што ги среќавам на трките во Македонија, дефинитивно бројот експоненцијално расте. Секако, голем удел за тоа има и Скопскиот маратон, но во последните неколку години почнаа да се организираат голем број трки низ разни градови. Тоа е иницијална каписла за зголемување на бројот на луѓе што почнуваат да се занимаваат со трчање, а кои притоа не се само од Скопје, вели Александар Кираџиев
Во пресрет на Скопски маратон, ако се направи кратка, нестудиозна анализа, забележлив е растот на бројот на рекреативни тркачи кои бркаат лични резултати, кои се во трка за да се надминат себеси и да го подобрат својот перформанс. Информации, совети, тренинзи, препораки може да се најдат многу на интернет, но забележителен е и бројот на тркачи кои сериозниот пристап кон трчањето го покажуваат со приклучување во атлетски клуб или работа со тренер или, пак, изработка на индивидуални тренинзи од наши веќе докажани имиња со врвни резултати, со цел да се оствари најдобар личен резултат.
Ги прашавме атлетичарите Александар Кираџиев, Кокан Ајановски и Иван Пешовски кои се нивните впечатоци за зголемувањето на бројот на натпреварувачи кои се силно заразени од познатата „тркачка еуфорија“.
Александар Кираџиев: Освен квантитет, добиваме и квалитет
Александар Кираџиев се занимава со атлетика околу 25 години, пет пати беше национален шампион, сѐ уште активно трча и е иницијатор на атлетскиот клуб Kiradjiev Training Systems, кој е отворен за тркачи од сите возрасти. Според него, трчањето во Македонија, особено во последните неколку години, влегува на голема врата и зема сѐ поголем замав.
- Судејќи по бројот на рекреативни тркачи со кои јас работам, но и по оние што ги среќавам на трките низ Македонија, дефинитивно бројот експоненцијално расте. Секако, голем удел за тоа има и Скопскиот маратон, но во последните неколку години почнаа да се организираат голем број трки низ разни градови. Тоа е иницијална каписла за зголемување на бројот на луѓе што почнуваат да се занимаваат со трчање, а кои притоа не се од Скопје. Веќе неколку градови низ државата имаат сериозни трки, со сериозни организации, па како домино-ефект му доаѓа и растот на бројот на луѓе што трчаат во тие градови. За разлика од претходно кога тркачите на своја рака или читајќи од интернет се консултираа со тренинг-програми и сами се водеа низ тренажниот процес, денес сѐ повеќе луѓе се консултираат со долгогодишни атлетичари и атлетски тренери, кои притоа имаат стаж и искуство во тоа што го работат. За трчање на далечина, слободно и нескромно кажано, јас сум друго ниво на тренер земајќи го предвид 25-годишното активно присуство на највисоко натпреварувачко ниво во атлетиката, а и тркачите со кои сум работел и со кои сѐ уште работам и нивните квантни скокови во делот на средни и долги патеки. Но има и други тренери што работат со тркачите и се консултираат. Препорака до сите рекреативни тркачи е да се консултираат со искусни атлетски тренери кои ќе ги водат низ процесот, но пред сѐ ќе го мониторираат нивниот развој на дневно ниво. Рекреативните тркачи сѐ повеќе и посериозно се насочени кон подобрување на своите капацитети, што е одличен индикатор дека трчањето во Македонија е во огромен подем и дека освен квантитет, добиваме и резултатски квалитет - вели Кираџиев.
Кокан Ајановски: Некои трчаат сезонски, некои со цел да се надминат себеси, некои во секакви услови
Кокан Ајановски е маратонец и над 20 пати беше државен првак на Македонија во повеќе атлетски дисциплини. Последните десетина години активно ги промовира рекреативното и професионалното трчање во Скопје и Македонија преку својата школа за трчање - Атлетски клуб АККА. Кокан потврдува дека има сѐ повеќе луѓе што трчаат во Македонија, од кои најголемиот број се рекреативци, но има и такви што тренираат активно (професионално).
-Многу сум среќен поради овој факт затоа што дел од успехот за зголемениот број љубители на трчањето во нашата убава земја си го препишувам себеси. Активно трчам 16 години, а повеќе од една деценија работам како тренер за возрасни и деца. Освен групните тренинзи, водам и индивидуални тренинзи и слободно можам да кажам дека интересот и за едниот и за другиот тип активности расте од година на година, а тоа воопшто не ме чуди затоа што и Македонија е дел од глобалниот велнес-тренд кој насекаде во светот придонесува сѐ повеќе луѓе преку физичката активност да имаат подобро здравје и да развиваат спортски навики. Вистина е дека има и сѐ повеќе тренери кои работат во оваа дејност, што е и логична последица на целиот процес. Многу сум благодарен и се радувам што секогаш има голем круг на луѓе во нашиот Атлетски клуб АККА кои имаат доверба во мене и прифаќаат да ги водам во тренинзите за трчање и вежбање за да ги остварат своите цели. Тие го препознаваат мојот успех во трчањето како искусен натпреварувач, но и како човек кој им помогнал на стотици луѓе да го засакаат трчањето, тоа да им стане начин на живот, а оние најамбициозните да направат големи достигнувања во оваа спортска активност. Опсегот на луѓе што биле дел од моите тренинзи е навистина голем, од деца од најрана возраст до луѓе во златни години, па затоа и искуствата со нив се најразлични. Има луѓе што трчаат само сезонски, некои трчаат само за да се подготват за одредена трка или да се надминат себеси, но најсреќен сум за оние најупорните, најпосветените, оние што веќе не можат да си го замислат животот без трчање, па активни се во секој период од годината и трчаат без изговори и во секакви услови! Мој краток совет до сите рекреативци е да уживаат во трчањето, пред сѐ, да бидат редовни и малку по малку да напредуваат во целите што сами ќе си ги одредат и никогаш да не заборават кои и какви биле пред да почнат со трчањето! Тоа е патот кој води до траен успех и среќа во трчањето! Секако дека сите се добредојдени да ни се приклучат на нашите тренинзи, трки и работилници за трчање што ги имаме во текот на целата година! Во пресрет на Скопскиот маратон, им посакувам успех на сите што ќе учествуваат на најголемиот тркачки настан во Македонија. Скопскиот маратон беше мојот почеток, а верувам и почетокот на многумина што трчаат. Спортски поздрав – најздрав! - споделува Ајановски.
Иван Пешовски: Конзистентноста е клучот до континуиран напредок
Иван Пешовски веќе 15 години се занимава со атлетика. Минатата година на Скопскиот маратон заврши втор во полумаратон, а своето најдобро време го оствари на полумаратон во Виена (1.11). Traning smarter е негова платформа која нуди индивидуални тренинзи приспособени според желбите, можностите, дневните активности на секој тркач.
- Во последниот период бројот на рекреативни тркачи што бараат совети и индивидуални тренинг-програми сѐ повеќе се зголемува благодарение на популарноста на трчањето и бројот на трки на нашиве простори. Број еден мотиватор останува Скопскиот маратон. Идејата да побараат тренинзи најчесто произлегува од желбата да ги подобрат своите лични рекорди преку правилно структурирани тренинзи и совети кои ние ги нудиме преку нашето искуство, со цел најлесно и без повреди да се стигне до посакуваните резултати. Должината на тренажниот процес и специфичноста на тренинзите варираат кај секој индивидуалец согласно неговите моментални способности и цели. Мој совет до сите почетници во трчањето е да целат кон конзистентност затоа што тоа е клучот за континуиран напредок - подвлекува Пешовски.
Фото: приватна архива