X
 05.07.2021 Наша тема

Семејството Кираџиеви се врвни атлетичари. Не се гледаме како конкуренција, туку како поддршка

Весна и Александар Кираџиеви се брат и сестра, а Биљана е сопруга на Александар. И често се дел од првите три или пет места на врвот. Ова темпо го држат со години и неуморно се стремат кон целта

Весна, Александар и Биљана Кираџиеви се врвни атлетичари. Трчањето е дел од нивното секојдневие, дел од нивниот биоритам и редовно се дел од трките во државава и во регионот. Весна и Александар се брат и сестра, а Биљана е сопруга на Александар. И често се дел од првите три или пет места на врвот. Ова темпо го држат со години и неуморно се стремат кон целта.
Велат дека на трките не се гледаат како конкуренција, туку како поддршка.
- Ако имаме сила, дури некогаш и на самите трки, во деловите каде што има разминување на патеката, знаеме да си довикнеме: „Ајде браво!“ - вели Весна Кираџиева.



Атлетика од детството

Со атлетика почнале да се занимаваат уште од деца.

- Мојот почеток беше во 1998 година, на тогашниот Божиќен крос. Понатаму во контакт со најдобриот тогашен тренер во Македонија, за жал, веќе покоен, Методија Веновски, ја отпочнавме оваа моја атлетска одисеја и сѐ повеќе навлегував во убавините, но и во агонијата која како спорт, но и како заедница ни ја задава. Се сеќавам, заедно со мојот покоен татко, најпрво јас бев дел од тимот на тренерот Мето и за само 10-ина дена подоцна почна и Весна, посетувајќи ги редовно тренинзите на Градскиот стадион во Скопје. Натпревар кој можам да го одвојам за најдобар досега е Скопскиот маратон 2019, со мојот најдобар резултат - 2:37:41, како и овогодишниот полумаратон во Градишка, Босна и Херцеговина - 1:12:39 - ни сподели Александар.
Биљана, неговата сопруга, е од Зрењанин, Србија, и сè до нивното запознавање во 2015 година рекреативно се занимавала со трчање.
- Откако се запознавме, решивме малку попосветено да се фокусираме и на нејзиниот тренажен процес, но и на идните резултати. На истите трки на кои јас ги истрчав моите најдобри резултати, и Биљана ги има истрчано нејзините најдобри резултати - Скопски маратон 2019 - 2:58:13 и Градишка полумаратон 2021 - 1:21.36 - додава Александар.



И Весна почнала да се занимава со атлетика како нејзиниот брат. Тој на 11 години, Весна на 12.
- Откако бев да го гледам на еден негов тренинг, тренерот Мето ме забележа и оттогаш и двајцата сме во атлетиката, еве веќе многу повеќе од дваесет години. Што се однесува до тоа на кои успеси сум особено горда, секогаш го издвојувам мојот поранешен рекорд на Македонија во маратон, кој го истрчав во Милано (2015), но и оние шест национални титули како шампионка на Македонија во маратон, истрчани на нашиот најомилен домашен маратон – Скопски маратон (сега попознат како Виз Ер Скопски маратон) - истакнува Весна.

Со споделување искуства до подобри резултати

На прашањето колку делењето заедничка страст, пасија, е позитивно и олеснително за еден атлетичар, Александар вели:
- Во една заедница, како што сме Биљана и јас, исклучително е важно, пред сè, заради заедничката организација на времето поминато на тренинзи, но и она на трки, заедно со нашиот мал Вања. Во изминатиот период многу интензивно комунициравме со Весна на тема атлетика. Но во овој период со Биљана сме посветени на нашиот Вања и сите дневни активности, па и нема време многу за разговори, акцентирани на атлетика, но сепак, тоа го работиме секојдневно, па намерно или не и понатаму разменуваме искуства и совети околу трчањето - вели Кираџиев.



И Весна потврдува дека е олеснителна околност бидејќи се заедно и се поддржуваат.
- Сега нормално дека брат ми е повеќе посветен на своето семејство, а тука се и различните работни обврски, па не секогаш имаме време и простор за заеднички тренинзи како што имавме кога бевме помлади. Изминативе години споделувањето совети и искуства повеќе ни е сведено на телефонски разговор отколку на заеднички тренинзи, пред сѐ, поради обврските што сите си ги имаме, па така тие си трчаат или многу рано наутро или доцна попладне, а за викенди, кога имаат подолги тренинзи, јас имам можност да се дружам со внукот Вања, кој има пет години. Ми го носат да го причувам, олеснителна околност е што живееме во близина, и додека тие се на тренинг, ние се забавуваме, па откако тие ќе завршат, јас одам на тренинг - објаснува Весна.

Имаат јасно дефинирани цели


На прашањето што е тоа што со години ги одржува на тронот, велат дека тоа се јасно поставените цели кои се стремат да ги исполнат.
- Нè мотивираат целите. Како и во секоја друга област, така и во трчањето, јасно дефинирана цел и огромна незапирлива мотивација да се дофатат тие висини. И дел од тој природен и здрав процес и оној синдром на незавршена задача. Тоа секогаш нè тера да одиме повисоко и подалеку - потенцира Александар.
Весна вели дека нема формула за успех, но долгата, конзистентна и упорна работа е клучот.

- Како што споменав, во македонската атлетика сме повеќе од дваесет години, при што сме поминале толку многу препреки, на што оние што знаат колку е очајна ситуацијата со овој спорт во Македонија, ни се чудат. Но, баш таа упорност и неоткажување и соочување со сите неуспеси и учење од нив, верувам дека резултираа со успехот кој го имаме континуирано - истакнува таа.


Фото: Дарко Цветановски

Се гледаат пред трка и на пиедестал

Мотивацијата на Весна зависи од поставените цели.
- Во периодот кога бркав државни рекорди и олимписка норма, најдоброто од мене го вадеа трките во странство, каде што избирав рамна патека и идеални услови за поголеми шанси за успех и остварување на целта. Сега тоа се домашните трки, каде што сакам да бидам меѓу сопствениот народ и да ги поддржам организаторите на македонските трки со промоција, за поголема масовност и развој на трчањето како дел од атлетскиот спорт кај нас, бидејќи, самата јас, како некој што има организирано трки, знам точно што значи поддршката. Мислам дека успеваме во тоа секоја година - вели Кираџиева.

Велат дека се мотивираат без некои посебни ритуали, само „лесна трка, трчај паметно, тоа што си го тренирал/а“.
Заедничките утра пред трка им се бурни, велат дека немаат време за заедничко загревање.
- Брат ми и Биља се секогаш во фрка утрото пред трка, со мало дете. Кога е трката во нашето Скопје, тогаш мајка ми се грижи за Вања. На трките надвор, па и кај нас, се гледаме непосредно пред стартот, кога си посакуваме успех и потоа се гледаме на финишот, а со поголема среќа и успех – и на пиедесталот - споделува Весна.
- Најважно за Биљана и за мене ни е како ќе се организираме околу Вања. Каде ќе биде цело тоа време додека трчаме (некогаш 40-45 мин., но некогаш и над 3 ч.). Знам дека звучи непрофесионално. И е непрофесионално. Но ние сме само мали аматери во светот на трчањето. Да сме биле толкави професионалци, сега зад нас ќе стоеле големи имиња, федерации, држава и интервјуто ќе сме го пишувале од некој базичен камп од Португалија, на пример - вели Александар.



По трка - славење со Вања

По трка, Александар и Биљана прославуваат со Вања, го наградуваат поради, трпеливоста, послушноста и доброто однесување додека мама и тато трчале. А Весна вели дека пред пандемијата, по големите трки, како Скопски маратон, се собирало поблиското тркачко друштво на тестенини и пиво и се надева дека за брзо пак ќе слави во друштво.
Тие во меѓувреме се подготвуваат за следните трки.
- Следна голема цел е Балканското првенство во полумаратон, кое ќе биде токму во Македонија, во рамките на битолскиот спектакл, „Трчај Бе“, а понатаму големиот Скопски маратон закажан за октомври - вели Александар.
- За нас, дамите, на оваа листа може да ја додадеме и „Женска трка“ - вели Весна.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема