X
 22.05.2019 Живот

Милијардер го исплатил студентскиот долг на цела генерација

Околу 400 дипломци од колеџот „Морхаус“ во Атланта, во американската држава Џорџија, добија неочекуван подарок за дипломирањето. Милијардерот и филантроп Роберт Смит одлучил да го исплати студентскиот долг на цела генерација, во износ од 40 милиони долари.

Пред да им го исплати долгот, овој технолошки инвеститор на колеџот му донирал 1,5 милион долари.

„Морхаус“ е традиционално афро-американски колеџ каде што студирал и борецот за човекови права Мартин Лутер Кинг, како и познатиот режисер Спајк Ли и актерот Семјуел Л.Џексон.

- Студенти на колеџот „Морхаус“, опкружени сте со луѓе што ви помогнаа денес да бидете овде. Во име на осумте генерации од моето семејство, колку што сме во оваа земја, ќе ви дадам уште еден поттик - рече милијардерот Смит во неговиот говор за време на церемонијата на дипломирањето.

Тој во говорот рече дека ќе им го исплати целиот студентски долг.

- Знам дека оваа генерација ќе покаже дека сè се исплаќа. И сакам секоја наредна генерација да личи на оваа, се надевам дека сите ќе имаат можност да напредуваат. Бидејќи можеме да се грижиме едни за други и да обезбедиме сите да имаат можност да го остварат американскиот сон - рече Смит.

Студентите, од кои голем дел имале долгови и по десетици илјади долари, биле шокирани и среќни.

- Изгледа нереално. Кога рече дека ќе ни ги исплати долговите, погледнав во колегите и се прашав дали добро слушнав? Бев во целосен шок, ова е најдобриот подарок што го имам добиено во животот - рече еден од студентите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот