Во 2021 година „Гугл“ креира повеќе онлајн курсеви создадени за да им помогнат на студентите да добијат професионален сертификат за шест месеци и да добијат работа без искуство. Беа понудени курсеви за UX дизајн, анализа на податоци, проектен менаџмент, ИТ-поддршка и ИТ-автоматизација. Сега технолошката компанија додаде две нови програми за професионални сертификати кои се нудат преку платформата „Курсера“.
Првата програма е за напредно ниво на анализа на податоци. Оваа програма ги учи студентите за машинско учење, модели за предвидување и експериментален дизајн за собирање и анализа на големи количества податоци. Во рамките на програмата се нудат вкупно шест онлајн курсеви и потребни се околу шест месеци за да се заврши. Програмата треба да им помогне на студентите да станат научници за податоци.
Втората програма е за бизнис-разузнавање и трае два месеца. Таа се состои од три онлајн курсеви кои имаат цел да ги научат студентите да ги трансформираат податоците во корисни информации.
Студентите можат бесплатно да ги слушаат курсевите во рамките на двете програми, но треба да платат доколку сакаат да добијат сертификати. За ова, „Курсера“ наплаќа 49 долари месечно. Со помош на сертификатите, курсистите може да се пријавуваат за вработување и да се поврзат со странски компании кои вработуваат, а се партнери на „Гугл“.
Извор:
Open culture
Насловна фотографија: Pixabay