Во социјалистичка Југославија постоеше само една банкнота со ликот на Јосип Броз Тито, онаа од 5.000 динари од 1985 година.
Но, во јавноста малку е познато дека друга земја издала банкнота со ликот на Тито, и тоа неколку години пред самата Југославија.
Нумизматичарот Златко Вишчевиќ открива детали за оваа банкнота.
Парите имаат своја монетарна и пропагандна улога во општеството. Пред сè, служат како платежно средство и како мерка за вредноста на стоките и услугите. Покрај тоа, имаат и своја политичко-пропагандна улога, преку која издавачот испраќа порака од одредена содржина до јавноста.
Социјалистичка Југославија дури на крајот на 1985 година одлучи да го стави ликот на Јосип Броз Тито на своите пари, поточно на банкнотата од 5.000 динари, која во тоа време беше највредната банкнота во оптек. На оваа банкнота се наоѓал ликот на остарениот Тито. Овие мотиви требало да бидат еден вид повик за единство на земјата, на која веќе ѝ се заканувал распад.
Необично е што Југославија не била првата земја што го ставила Тито на своите банкноти. Тоа го направила Република Гвинеја.
Оваа африканска земја вовела нова валута во 1971 година и ја нарекла сили. Зборот сили на јазикот на народот Малинка значи слон. На својата најголема банкнота од 500 сили во 1980 година централната банка на Република Гвинеја го поставила ликот на Тито, маршал и доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Била пуштена во оптек на 16 април 1981 година, а била повлечена во 1985 година, кога повторно бил воведен гвинејскиот франк. Не е познато каде била испечатена, ниту кој бил авторот на ликот.
На лицето на банкнотата, лево, бил Тито, гледајќи надесно. Десно од фигурата на Тито се наоѓало името на номиналната вредност и датумот, 1 март 1960 година.
Оваа банкнота не е ништо особено во нумизматичкиот свет, но е историски интересна бидејќи на неа бил претставен поранешниот претседател на Југославија. Зошто?
Кога луѓето се прикажани на банкнотите на една земја, тогаш во повеќето случаи тие се значајни за таа земја и имаат некаква директна врска со неа. Многу е необично што тие прикажуваат лидер на друга земја. Уште понеобично е една африканска земја, која се ослободила од колонијалното владеење дури во 1958 година, да стави Европеец и белец на својата банкнота само 23 години подоцна.
Меѓутоа, ако погледнеме и други банкноти од таа серија, тогаш целата приказна на Тито на парите на оваа африканска земја има смисла. Имено, темата на оваа серија банкноти била антиколонијализам и антиимперијализам.
Освен Тито, на другите банкноти од оваа серија биле прикажани и други странски политички лидери: мароканскиот крал Мохамед V на банкнотата од два сили, поранешниот претседател на Гана, Френсис Нвија Кофи-Нгонлома, на пет сили, поранешниот премиер на Демократска Република Конго, Патрис Лумумба, на 10 сили, кралот на Дахомеј, Беханзин, на 25 сили и кралот на Лабе, Алфа Јаја Диало, на 50 сили. На банкнотите од еден и 100 сили биле прикажани Гвинејците Мафори Бангура и Самори Туре.
Заедничко за сите овие луѓе е борбата против колонијализмот, за независност на нивните народи и држави.
Тито бил ставен на оваа банкнота во време кога Република Гвинеја била дел од Движењето на неврзаните и тој бил еден од главните водачи на тоа движење.
Извор:
Numizmatika.net
Фото:
Facebook