X
 22.11.2023 Живот

Банкнота со ликот на Тито денес вреди многу: Била производ со грешка, а еве колку чини

Кога во 1985 година свечено била пуштена во оптек, никој не се сомневал дека големата хартиена банкнота од 5.000 динари, со ликот на Јосип Броз Тито, ќе биде една од ретките што ќе останат „живи“ и по југословенскиот динар.

И денес се среќава во нумизматичките збирки, но во историјата не замина како вредна банкнота, туку како „стока со грешка“, а цената на овие примери со грешка е и до десетпати повисока од цената на стари банкноти со иста вредност, но без маана. Оние без грешки може да се купат за неколку стотици српски динари, додека за оние со грешки треба да се издвојат од 3.000 српски динари, па нагоре.

Во Југославија, на почетокот на 80-тите години на минатиот век, било одлучено дека е време истрошената серија банкноти што дотогаш биле во оптек да се заменат со свежи и помодерни.

Идејата била да биде претставена една од југословенските републики. Било замислено на задната страна на банкнотата да има препознатлив мотив на републиката што ја претставува, а на предната страна портрет на историска личност од таа република.

Набрзо идејата преминала во реализација, па во 1985 година започнало издавањето на нова серија банкноти, со воведување на банкнотата од 5.000 динари со ликот на Јосип Броз Тито.

По сите проверки низ кои поминала првата и најголема банкнота од новата серија, таа излегла како „стока со грешка“ бидејќи заедно со ликот на Тито стоеле годината на раѓање и годината на неговата смрт, со тоа што наместо 1980 година (годината кога тој починал), по грешка била внесена 1930 година.

Според информациите на банкнотата, на денот на издавањето Тито бил мртов повеќе од половина век, иако од неговата смрт поминале само пет години.

Иако било наведено дека погрешно наведената година на смртта на Тито не е единствената грешка, бидејќи ниту изгледот ниту описот на банкнотата не соодветствувале со она што било објавено во Службен весник, тогаш генералниот директор на Институтот за производство на банкноти изјавил дека од 14 милиони испечатени банкноти, само 4 отсто имале грешка. Според оваа пресметка, во оптек имало дури 560.000 грешни банкноти.

Но, иако според меѓународните прописи државата треба да ја повлече од оптек целата спорна серија, банкнотата со ликот на Тито и со видливата грешка не била повлечена.

Втората највредна банкнота, која морала да го види светлото на денот во 1986 година, била „казнета“ на посебен начин.

Иако матриците биле готови и сѐ било подготвено за нејзино печатење, банкнотата од 1.000 динари со ликот на Вук Стефановиќ Караџиќ, која требало да ја претставува Србија, никогаш не била пуштена во оптек делумно затоа што ја „изела инфлацијата“.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот