На прв поглед е сосема обичен американски град. Мирни улици, деловни згради без реклами и атмосфера што потсетува на автобуска станица затоа што луѓето само доаѓаат и си одат. Но зад тие ненаметливи фасади се крие една од најважните точки на современиот свет - оттука доаѓа голем дел од интернетот што секојдневно го користи цела планета.
Секое видео што го отворате на „Јутјуб“, секоја порака што ја праќате преку социјалните мрежи или нарачка на храна направена доцна навечер поминува низ овој град пред да стигне до својата дестинација. Станува збор за место што многумина го нарекуваат вистинска престолнина на интернетот.
Тоа е Ешбурн, град во американската сојузна држава Вирџинија, со помалку од 50.000 жители, кој е срцето на глобалната дигитална инфраструктура.
Иако однадвор не изгледа спектакуларно, внатрешноста на неговите огромни објекти е сосема друга приказна. Таму се наоѓаат стотици дата-центри, простории полни со сервери што работат 24 часа. Токму тие сервери чуваат огромни количини податоци и го одржуваат во живот интернетот каков што го познаваме денес.
Според процените на експерти од индустријата за дата-центри, дури 70 отсто од светскиот интернет-сообраќај дневно минува низ Ешбурн. Поради тоа, многумина го нарекуваат „место низ кое тече интернетот“.
Градот се наоѓа во округот Лоудун, недалеку од Вашингтон, што е една од главните причини зошто технолошките гиганти тука ја изградиле својата инфраструктура. Близината до американската престолнина, огромната енергетска мрежа и јазлите на оптички кабли го направиле Ешбурн идеално место за развој на дигиталната мрежа.
Своите центри тука ги имаат најголемите компании во светот, меѓу кои се „Амазон“, „Гугл“ и „Мета“. Северна Вирџинија денес има повеќе од 600 дата-центри, повеќе од кој било друг регион на планетата, а токму Ешбурн е неговото најважно јадро.
Подемот на градот започнал уште во 90-тите години кога бил формиран „МАЕ Ист“ - една од првите големи интернет-размени во светот. Со текот на времето околу неа се развиле мрежи од оптички кабли, огромни сервери и цела индустрија што денес контролира голем дел од светската комуникација.
Експертите предупредуваат дека сериозен прекин на работата во Ешбурн би можел да предизвика огромни проблеми во целиот свет. Социјалните мрежи, видеоплатформите, клауд-услугите, па дури и финансиските трансакции би можеле да бидат погодени за неколку минути.
Затоа овој тивок американски град денес има многу поголемо значење отколку што некој би можел да претпостави гледајќи ги неговите мирни улици. Иако повеќето луѓе никогаш не слушнале за него, Ешбурн е едно од најважните места на модерниот дигитален свет.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Wikipedia