X
 25.05.2023 Живот

Во овој шпански град сите се еднакви и нема поделба на општествени слоеви

Мариналеда е место каде што нема поделба на општествени слоеви: сите жители се еднакви, а единствен функционер е градоначалникот на градот, кој во основа нема посебни одговорности.

Но, како е можно во модерна Шпанија да постои град кој живее според свои правила?

Треба да се тргне од фактот дека Мариналеда се наоѓа во најсиромашниот дел на земјата: Андалузија. Луѓето овде никогаш не уживале во претерано богатство, па во одреден момент, пред околу 50 години, им се смачило од сѐ. Сиромашните ги нападнале имотите на богатите и буквално извршиле државен удар, со кој дошле до сопственост на поголемиот дел од градската инфраструктура и земјиштето околу градот.

Каков е животот таму?


Првиот и досега единствен градоначалник што овој град го имал, Хуан Мануел Санчез Гордиљо, рекол дека од тој момент на ова место ќе владее еднаквоста и ништо друго. Сите жители ќе имаат исти права и обврски: нема да има богати и сиромашни, влијателни и безначајни - сите ќе бидат обединети и ќе работат заедно, но и ќе управуваат со заедницата.

Со самото тоа, тој делумно се ослободил од раководните должности, префрлајќи ги своите овластувања на градското собрание. Оттогаш, луѓето сами избираат на што ќе ги трошат заедничките пари и во која насока ќе се развиваат, додека Гордило повеќе дејствува како посредник меѓу градот и властите во Шпанија бидејќи градот и понатаму плаќа даноци.

Обичните жители главно се занимаваат со земјоделство, што е главен извор на приход за живот во градот. Без разлика на степенот на сложеност на работата, секој работник добива одредена сума дневно, а остатокот оди во градскиот буџет, кој потоа го делат мештаните. Така, со текот на времето во градот се изгради парк за деца и за стари лица, базен, а беа купени и заеднички компјутери кои буквално може да ги користи секој жител. А ако верувате во она што неговите жители го кажуваат за градот, тогаш трошоците за живот се исти за сите - 15 евра.

Но, самите Шпанци немаат толку добро мислење за ова место. Факт е дека во текот на 2012 година под раководство на градоначалникот биле извршени неколку грабежи на супермаркети во блиските Севилја и Кадиз. Причината за тоа е обидот да се спротивстави на капиталистичкиот начин на живот што му бил наметнат на неговиот град и на цела Шпанија, со тоа што треба да се напомене дека производите што ги украле не ги носеле дома, туку им ги давале на сиромашните и бездомниците.

- Утопиите не се химери, туку најблагородните човечки соништа. Сонот за еднаквост, сонот дека секој треба да има место за живеење, бидејќи ние сме луѓе - а не облека што може да се заработи. Сонот дека природните ресурси како енергијата не треба да бидат во сопственост на меѓународни корпорации, туку да бидат во сопственост на луѓето. Ние би сакале да ги оствариме сите овие соништа. Да почнеме прво од таму каде што живееме - изјавил еднаш тој.



Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот