X
 22.06.2018 Живот

Ердоган: Од продавач на вода и переци на улица до лидер на нација

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган некогаш беше прогласен за Европеец на годината, но тоа денес тешко дека може да се случи.

Несомнено е дека Ердоган е фаворит пред изборите в недела во Турција, но неговата брилијантна кариера сè уште може да биде извалкана. Речиси 16 години Ердоган ја крои судбината на Турција, победувајќи на сите избори во кои учествуваше.

Кога неговата Партија на правдата и развојот (АКП) го загуби апсолутното мнозинство во парламентот на изборите во јуни 2015 година, тој повика на нови избори неколку месеци подоцна и старите структури на власта наскоро се вратија на мнозинството кое го сакаа.

Ердоган е несомнен фаворит за претседателските избори што ќе се одржат в недела. Но, прашањето е дали може да добие повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг. Во случај да биде принуден на втор круг, тоа ќе биде дамка за неговата успешна кариера.

Од гледна точка на Западот, Ердоган драматично се промени. Во 2004 година белгискиот „Европски глас“ го прогласи за Европеец на годината. Тогашниот германски канцелар Герхард Шредер го пофали неговото „заговарање поголеми слободи, подобра заштита на човековите права и помала улога на државата“.

Денес тоа изгледа како дамнешно минато и неговите критичари истакнуваат дека тој сега е чиста спротивност на она што бил. Опозицијата предупредува на неговата авторитарност, а мотото на Ердоган стана „На голема Турција ѝ треба силен лидер“.

Ердоган остави печат во Турција како ниеден политичар уште од основачот Мустафа Кемал Ататурк.

Роден во 1954 година, крај брегот на Црното Море, Ердоган израснал во скромни услови во работнички дел од Истанбул. Како момче, тој продавал вода и переци со сусам на улицата за да му помогне на своето семејство.

За неговиот живот е снимен филмот „Реис“ (Лидер). Од неговата канцеларија тврдат дека филмот немал никакво влијание, но прилично сентименталната слика што филмот ја прикажува за него е слична на она како на него гледаат неговите следбеници.

Ердоган се прикажува како праведен и религиозен човек, кој се жртвува за да им помогне на сиромашните, прво во неговата населба, а потоа и во Истанбул, откако стана негов градоначалник во 1994 година.

Филмот завршува во 1999 година со неговото апсење по страстен говор во кој тој цитира контроверзна песна со стих „Минарињата се наши бајонети“.

Секој Турчин знае како потоа зема залет неговата политичка кариера.

Фото: Pixabay

Во 2002 година Ердоган ја доведе АКП на власт. Идната година стана премиер и на таа позиција остана до 2014 година. Сигурно е дека Ердоган може да се фали со успесите што ги оствари на чело на турската влада. Турција доживеа брз економски раст, а тој ја водеше кон Европа.

Во 2004 година беше укината смртната казна, а во 2005 година беа отворени преговорите за пристап во ЕУ.

Додека голем дел од Блискиот Исток тонеше во хаос, неговото владеење докажа дека исламот и демократијата не мораат да бидат спротивставени.

Ердоган го започна мировниот процес со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК). Но, процесот во меѓувреме пропадна, а насилствата ескалираа кон средината на 2015 година.

Со оглед на тоа дека во Статутот на АКП пишува дека должноста премиер не може да се извршува четири пати по ред, Ердоган во 2014 година се кандидира за претседател на државата и победи уште во првиот круг. Но неговата крајна цел беше преобразување на Турција од парламентарна во претседателска република. Досега ништо не можеше да го запре во тоа, па дури ни обидот за пуч во 2016 година. Тогаш тој прогласи вонредна состојба и нареди апсење на десетици илјади лица, вклучително и новинари кои ја критикуваа власта. Стотици илјади јавни службеници останаа без работа.

Оттогаш се повеќе европски челници почнаа да ја критикуваат неговата авторитарност, а Ердоган се оддалечи од ЕУ обвинувајќи ја дека намерно ги кочи пристапните преговори. Тој дури споменува можност за повторно воведување на смртната казна, што е очигледно отфрлање на европските вредности и би означило крај на сите изгледи за членство во ЕУ.

Исто така, тој сугерираше дека би можел да одржи нов референдум за прекинување на пристапните преговори. Преземајќи ја должноста претседател во 2014 година, Ердоган вети „нова Турција“ и испраќаше помирувачки сигнали до своите противници.  
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот