X
 22.06.2020 Живот

По рецептот на јапонски ботаничар, малечки шуми никнуваат низ Европа

Користејќи ги методите на најпознатиот јапонски ботаничар, европските земји почнуваат да ги истакнуваат  урбаните пејзажи со ситни шуми, продуктивни и биоразновидни исто како во дивината, а понекогаш големи колку тениски терени.

Идејата е да можат волонтери да засадат густи кластери од домородни растенија за да создадат мал функционален екосистем кој може да ја обнови почвата, да ги заштити ресурсите како вода и квалитет на воздухот и да дејствува како жариште за биодиверзитет што може да има значен ефект и врз локалното и врз регионалното опкружување.

Акира Мијаваки бил ботаничар кој во 1970 година открил дека дрвјата околу Шиното во Јапонија и околу будистичките храмови можат добро да се приспособат на почвата и климата на островите во Јапонија. Подоцна открил дека само 0,06 отсто од современите јапонски шуми биле домородни шуми, со значителен остаток населен од недомородни видови дрвја или засадени на неприроден начин.

Тој го создал методот за враќање на домородните шуми на уништена земја што немала хумус, нешто што станало познато како Мијаваки-метод. Користејќи ја оваа формула, создал над 1.700 шуми низ Азија, од кои 96,7 отсто се развиле во издржлив екосистем во рок од десет години.

шума
Фото: Pixabay

Мијаваки-методот во Европа


Растејќи 10 пати побрзо и поседувајќи 20 пати поголем потенцијал за биодиверзитет од современите шуми, Мијаваки-методот е совршен за организации како „Урбан форестс“ во Франција и Белгија, и иницијативата „Тајни форест“ во Холандија, поради нивната силна желба да го спречат најлошото од климатските промени врз релативно малата земја на нивните држави.

На 2 март „Урбан форестс“ заврши со Мијаваки-шумата што содржи 22 вида, 1.200 дрвја засадени на 400  квадратни метри - првиот ваков вид шума во Тулуз.

- Насадите се многу густи за да се поддржи соработката помеѓу видовите. Заробуваат повеќе СО2 и дрвјата растат десет пати побрзо отколку во конвенционалната шума - вели Одри, еден од волонтерите во „Урбан форестс“.

Ова е само еден од многуте проекти на оваа организација и петти по ред што организацијата го завршила оваа година. Нивните Мијаваки-шуми низ Белгија и Франција се состојат од 21.000 дрвја што се протегаат на повеќе од 7.000 квадратни метри.

Иницијативата „Тајни форест“ почнала во 2015 година во холандскиот град Занадам, од Институтот за образование на природата и одржливоста. Има создадено 100 Мијаваки-шуми низ земјата и планира дополнителни 30 во првите месеци од 2020 година.

Во 2017 година еколозите од Универзитетот „Вагенинген“ во Холандија ги испитале новонасадените мини-шуми и заклучиле дека овие мали шуми повеќе го зголемуваат биодиверзитетот во споредба со блиската шума. И бројот на видови и бројот на единечни растенија генерално е поголем отколку во обичните шуми.

Исто така, научниците откриле дека биолошката разновидност е подобрена затоа што сончевата светлина можела да достигне до повеќе видови локални растенија кои им биле познати на локалните опрашувачи. Исто така, шумите обезбедуваат поголема разновидност на храна и засолниште за различни животни и инсекти, како полжавите, пеперутките, водоземците, бубачките, скакулците.

- Ова е одлично и може да биде друг аспект за приградските и урбаните области, да се создадат коридори од дивиот свет преку мини-шуми - вели Ерик Динерстеин, истражувач за животинскиот свет.

Извор: Good News Network
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот