Најмалку 950 луѓе загинаа, а стотици се повредени во катастрофалниот земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала кој денеска во 1:30 часот по локално време го погоди Авганистан.
Најголем дел од жртвите се регистрирани во Пактика, но загинати има и во источните провинции Нангархар и Кост.
Претходно заменик-министерот за справување со вонредни ситуации Шарафудин Муслим соопшти дека во земјотресот загинале 920 лица, а над 600 се повредени.
Земјотресот бил во подрачјето на околу 44 километри од југоисточниот град Кост, на длабочина од 51 километар.
Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил почувствуван во опсег од околу 500 километри во Пакистан, Авганистан и Индија.
-За жал, синоќа имаше силен земјотрес во четири окрузи на провинцијата Пактика, во кој загинаа и беа повредени стотици наши сонародници и уништени десетици куќи. Ги повикуваме сите хуманитарни агенции веднаш да испратат тимови во областа за да се спречи понатамошна катастрофа - напиша на „Твитер“ владиниот портпарол Билал Карими.
Земјотресите, кои се чести во Авганистан, предизвикуваат значителна штета во оваа земја, каде што има многу рурални области каде што живеалиштата се нестабилни или се изградени според несоодветни стандарди.
Деценискиот конфликт ѝ отежна на сиромашната земја да ја подобри својата заштита од земјотреси и други природни катастрофи – и покрај напорите на агенциите за помош да зајакнат некои згради во текот на годините.
Во изминатите 10 години повеќе од 7.000 луѓе загинаа во земјотреси во земјата, објави Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања. Во просек годишно има 560 смртни случаи од земјотреси.
Извор: МИА
Насловна фотографија: Twitter