Сигурно некогаш сте се запрашале зошто, без оглед на тоа колку е висока температурата, секогаш ни е студено кога влегуваме во морето, барем првите неколку секунди.
На ова прашање се обидува да даде одговор физичарот од Институтот „Руџер Бошковиќ“, Саша Цеци, кој на доста разбирлив начин објаснува голем дел од работите што нè интересираат.
Овој пат во објавата наречена „Морето е супер“, физичарот пишува за тоа како нашиот мозок ја перципира температурата. Нашето тело всушност не ја чувствува вистинската температура, туку само дали околината е потопла или постудена. Со оглед на тоа дека почнуваме да се тресеме кога температурата на телото ќе падне на 35 степени, не е ни чудо што кога влегуваме во морето, каде што е за околу 10 степени пониска температурата, чувствуваме студ.
„Во контакт со студената морска вода нашето тело почнува да ја губи топлината. Нервите во кожата го чувствуваат тоа и за брзо време го известуваат мозокот. Тој тогаш започнува со излачување на хормонот кој поттикнува стегнување на крвните садови во оладената кожа. На тој начин силно се намалува протокот на крв низ нив“, објаснува физичарот.
Тој наведува дека таквото стеснување на крвните садови е всушност причината зошто за време на големи жештини тешко ни е да се оладиме под студен туш. Иако кожата за брзо време се лади, топлината што цело време се создава во нашето тело останува внатре и всушност ние повеќе се загреваме. Затоа подобро би било да се истушираме со млака вода, чија температура е некаде 33 Целзиусови степени .
Како со помош на штурците да ја одредите температурата на воздухот?
Цеци објаснува дека со помош на штурците може да се измери температурата на воздухот. Имено, интензитетот на нивното пеење зависи од температурата. „Ако имате часовник што ги покажува секундите, температурата можете да ја процените според бројот на црцорења. Избројте колку црцорења има во текот на осум секунди и додајте го бројот пет“, вели Цеци.
Иако звучи необично, објаснувањето е многу едноставно. За разлика од нас, штурците се ладнокрвни суштества, па брзината со која работи нивниот метаболизам зависи од надворешната температура. Со други зборови, колку е повисока температурата, толку е побрзо сè што работат, па така и црцорењето.
Зошто имаме чувство дека некои материјали се постудени?
Веројатно досега сте забележале дека приборот за јадење на допир изгледа постуден од дрвото или пластиката, иако имаат иста температура.
„Да се потсетиме дека температурата е број што го опишува просечното движење на атомите во супстанциите. Колку побрзо се движат, толку е повисока температурата. Во материјалите во кои атомите се стегнати еден во друг ова тресење брзо и лесно се пренесува. Овие супстанции често се потешки од оние во кои атомите не се толку стегнати. Поедноставно кажано, поцврстиот и погустиот материјал обично се подобри спроводници на топлина.
Така, железото подобро ја задржува топлината од каменот, каменот од дрвото и пластиката, а дрвото и пластиката од воздухот. Металите се доста добри спроводници на топлина бидејќи во нив се пренесуваат слободните електрони, истите тие што ја водат и електричната енергија.
Па така, кога ќе допреме студен метален предмет, атомите во металот ја примаат топлината од нашата кожа и така ја оладуваат. Поради високата спроводливост, топлината се распоредува низ целиот метал и имаме чувство дека сè уште е студен. Од друга страна, атомите во пластиката бавно ја пренесуваат топлината, па затоа пластиката се чини потопла.
„Од истите причини налето ни е поудобно да седиме на топла дрвена клупа отколку на врела камена. Каменот е добар спроводник на
топлината и никако не престанува да нè печи, додека дрвото е лош спроводник, како и пластиката, па по кратко печење ни станува пријатно“, вели физичарот Цеци.