X
 04.01.2018 Наука

Научниците тврдат дека пронашле лек што значително ја враќа меморијата

memorija

Тим од Универзитетот „Ланкастер“ во Велика Британија откри дека лек дизајниран за тип 2 дијабетес може да го содржи клучот за борба против загубата на меморијата - состојба со која често се соочуваат луѓето со Алцхајмерова болест.

Лекот е трикратен рецептор што ги комбинира факторите на раст GLP-1, GIP, Glucagon за да го заштити мозокот од дегенерација. Истражувачите ги тестирале лековите користејќи трансгенски глувци што ги изразувале мутираните гени што предизвикуваат Алцхајмерова болест кај луѓето. Овие гени ги има целото семејство и се одговорни за форма на Алцхајмерова болест што може да се наследи.

Истражувачите ги набљудувале глувците додека се пробивале низ воден лавиринт. Тие откриле дека глувците третирани со соединението за дијабетес покажале подобрена меморија и чувство на насока. Освен тоа, не само што лекот го штител мозокот туку исто така и подобрил дел од штетата предизвикана од амилоидните наслаги што прогресивно ги убиваат невроните на пациентите со Алцхајмерова болест.

„Начинот на кој дејствува лекот е тоа што може да им помогне на невроните да ги поправат и вратат своите функции. Не може да ги врати мртвите неврони“, вели водечкиот автор Кристијан Холшер од Универзитетот „Ланкастер“. „Сепак, постојат многу нагласени неврони што се живи, но не функционираат правилно. Тука лежи прозорецот со можности“, додава тој.

„Првите клинички испитувања покажаа ист ефект кај луѓето. Неодамнешна фаза II во клиничко испитување кај пациенти што боледуваат од Паркинсонова болест покажа доста добри резултати, така што може да се каже дека сме чекор поблиску“, додава Холшер.

Бидејќи дијабетесот е фактор на ризик кај Алцхајмеровата болест, некои научници се надеваат дека лековите за дијабетес може да бидат ефективни третмани за невродегенерација. Според истражувањето, врската помеѓу двете може да биде тоа што инсулинската сигнализација е оштетена кај мозокот на пациенти што страдаат од Алцхајмерова болест. Сепак, тоа не значи дека сите лекови за дијабетес можат да помогнат во лекувањето на мозочните заболувања.

„Тестиравме голем број лекови за дијабетес, но не сите покажуваат такви заштитни ефекти. Метформинот е тестиран кај пациенти со Алцхјамерова болест, но не покажа ништо. Лековите што покажаа дека функционираат се од класа на агонисти на „инкретински хормон“, што се користат за контрола на нивото на гликемија кај пациенти со дијабетес“, вели Холшер.

Иако истражувањето на тимот ветува многу, сепак, постојат недостатоци.

„Податоците од животните прикажани тука сугерираат дека ова би можело да биде потенцијален модифициран третман на болеста, но експериментите беа извршени со пептид што беше инјектиран на дневна база, што и не е баш возможно во клинички услови“, вели Дин М. Хартли, директор на Здружението за Алцхајмерова болест. Тој истакна дека животните модели традиционално се сиромашни во предвидувањето на човечката ефикасност за третманите со Алцхајмерова болест.

Околу 44 милиони луѓе низ светот имаат Алцхајмерова болест, но болеста влијае врз многу повеќе луѓе. Семејствата и пријателите страдаат заедно со пациентите, гледајќи како нивните најблиски полека ги губат когнитивните способности. Ако истражувањето на тимот од Универзитетот „Ланкастер“ може да помогне да се промени губењето на меморијата предизвикано од Алцхајмеровата болест, влијанието ќе биде огромно.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука