X
 22.09.2018 Живот

12 знаци дека премногу се грижите за тоа што мислат другите за вас

На сите нас, без оглед на тоа колкава самодоверба имаме, во некоја мера ни е важно што другите мислат за нас. Но, како да знаете дали премногу се грижите за туѓото мислење? Тоа ќе ви го откријат следните 12 знаци:

1. Постојано се проценувате самите себе низ очите на другите луѓе. Имате чувство дека низ глава постојано ви минуваат коментари за тоа каде не сте ги исполниле очекувањата на другите.

2. Мислите дека нивното однесување секогаш има врска со вас. Кога некој нема веднаш да ви одговори на електронската пошта, сигурни сте дека сте згрешиле нешто или дека тоа е доказ дека не му се допаѓате на тоа лице.

3. Повратните информации од другите луѓе често ве обесхрабруваат иако сами барате туѓо мислење и знаете дека мислењето од другите ви помага интелектуално да се развивате. Коментарите на другите ги сфаќате лично и како доказ дека не сте доволно добри.

4. Сакате да го кажете вистинското нешто во вистинското време. Затоа често самите се цензурирате, плашејќи се дека ќе кажете нешто погрешно. И поради тоа, за да бидете сигурни, не ги изнесувате своите мислења и идеи.

5. Се трудите да им се допаднете на сите. Се правите дека ве интересираат исти нешта како и на оние на кои сакате да им се допаднете, правите нешта што им се допаѓаат на другите, се трудите да разговарате за нешта за кои се заинтересирани другите, но не разговарате за она што ве интересира вас бидејќи не сте сигурни дали и другите ќе бидат заинтересирани за тоа.

6. Копнеете за хармонија и не се лутите често - поради некоја причина имате чувство дека не смеете да се налутите. Од друга страна, полни сте со разбирање кога некој друг ќе се налути.

7. Често не го кажувате она што го знаете бидејќи другите би можеле да помислат дека сте  сезнајко. Верувате дека ако не го покажувате она за што сте способни, другите ќе се чувствуваат пријатно во ваше друштво.

8. Се ставате на последно место и потајно им замерувате на другите кога нема да забележат колку се жртвувате.

9. Потајно ви е срам поради нештата што ве интересираат бидејќи ви се чини дека се многу поразлични од нештата што луѓето околу вас ги ценат.

10. Тешко ви е да побарате помош од другите бидејќи би можеле да помислат дека не сте доволно способни сами да го решите проблемот.

11. Тешко велите „не“ бидејќи другите би можеле да ви се налутат или да се разочараат од вас.

12. Се чувствувате заробени во животот кој звучеше ветувачки, но не ве исполнува. Но, се плашите да промените нешто бидејќи другите би можеле да ве осудуваат.

Без оглед на тоа колку се трудите, никогаш нема да им се допаднете на сите. А и зошто би требало? За да си го олесните животот и да престанете да се грижите толку многу за тоа што другите мислат за вас, следете ги овие совети:

Фото: Pixabay
  • Искрено поврзете се со луѓе кои ве разбираат, кои сакаат да разговараат за исти нешта, имаат еднакви интереси или различни погледи кои ве фасцинираат;
  • Искористете ги своите таленти и сила за да создадете нешто што само вие можете да го создадете и поради тоа другите искрено ќе ве ценат;
  • Правете нешта што ве радуваат и во кои до израз доаѓа вашата единственост и посебност за да се чувствувате исполнето;
  • Дозволете си да го правите она што ве интересира без оглед на тоа што другите ќе речат;
  • Секогаш имајте на ум дека тоа што некому не му се допаѓате не е одраз на вашата вредност како личност, тоа е само одраз на нивните потреби, очекувања, идеи и уверувања.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот