Книгата „Twelve against the gods“ од Вилијам Болито, првпат издадена во 1929 година стана славна годинава, откако креаторот на Tesla и SpaceX, Илон Маск, во една прилика ја препорача за читање.
Станува збор за дванаесетмина поединци од историјата кои им пркосеа на нормите, на нарушеното општество и беа во постојана потрага по авантури.
Болито ја започнува книгата со поглавје за човекот кој го опишува како прото-авантурист – Александар Велики.
По убиството на неговиот татко во 336 година п.н.е, Александар Велики го презема тронот на Македонија на дваесетгодишна возраст. Почнал епски воен подвиг и успеал културата од којашто потекнувал да ја прошири до Индија.
Александар бил непобедлив во битките, поради што се стекнал со титулата „најголем војсководец во историјата на човештвото“.
Болито го споредува античкиот освојувач со пожарот што го зафатил Медитеранскиот свет: „Оган е прецизниот атрибут за Александар, кој живееше како пламен, војуваше со жар и умре млад, прегорувајќи.“
Во претставата на авторот за Александар, тој е горделив и самоуверен уште во раната младост. За неговата наобразба се грижел лично философот Аристотел, а под влијание на неговата мајка, Олимпија, бил убеден дека е син на богот Зевс, кој верувал дека го зачнал преку гром од небото.
Вродената самодоверба на Александар, според Болито се должи на неговиот судбински повик да го „совлада“ сопствениот татко и неговиот лежерен освојувачки карактер да ги покори соседните кралства, иако Александар сонувал за многу подалечни места.
Авторот заклучува дека Александар сакал да уништи сè што му ја загрозувало авантурата во неговиот живот. Поради тоа и поради големата самодоверба, успеал да ја создаде една од најголемите империи во светот уште на млади години.
Меѓутоа, Болито тврди дека неговата самодоверба се претворила во ароганција, по која го препознавале освоените народи. Бидејќи не можел да ги задоволи своите потреби за освојување и да го исполни својот животен повик, во војни влегувал недоволно подготвен. После крвавиот судир во Индија, неговата уморна војска го принудила да се повлече.
Болито верува дека токму тоа го изгаснало Александровиот оган. Набргу потоа, самопрогласениот бог умира во Вавилон, во 323 година п.н.е, на возраст од 32 години.
Што можеме да научиме ние денес од приказната за големиот император? Пред сè, дека самодовербата е клучен дел во постигнувањето големи цели. Но, исто така, важно е да се запомни дека таа има своја темна страна.
Во секој случај, следете ги своите цели, но внимавајте да не згрешите, мислејќи дека сте исклучителни без покритие. Во спротивно, ризикувате брзо да изгорите, задушувајќи го сопствениот пламен со желбата за реализирање на неостварливите соништа, токму како
Александар.