По доста жешкото и сушно лето, денеска, 22 септември (267. ден во годината), во Македонија и на северната хемисфера, календарски почнува есента. Во Македонија таа официјално ќе пристигне во 15:30 часот по средноевропско време. Во првиот ден од есента денот и ноќта на целата Земјина топка ќе траат еднакво, со тоа што на северната хемисфера ќе биде есенска рамноденица (еквиноциум), а на јужната пролетна рамноденица (таму почнува пролетта). Во првиот есенски ден сонцето ќе изгрее во 6 часот и 22 минути точно на исток, а ќе зајде во 18 часот и 30 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето ќе биде околу 149,5 милиони километри или блиску до просечната вредност.
Есента ќе заврши на 21 декември. Тогаш на северната полутопка ќе почне зимата и овој ден е познат како зимски солстициум или зимска краткоденица. Значи од утре, постепено до 21 декември ноќта ќе се зголемува до максималните 15 часа, а денот ќе се намалува до само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисфера почнува есента, на јужната почнува пролетта и таму ноќите ќе стануваат пократки од деновите исто така до 21 декември, до 11 часот и 2 минути.
Инаку, според NOAA, оваа лето ќе остане запаметено како едно од најсушните во последните децении, не само во Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров, па и пошироко. Не само што август 2020 година беше одбележан како рекорден втор најтопол август на северната хемисфера, туку воедно беше и најтоплото лето, а светот, како целина, ја имаше и својата трета најжешка летна сезона. Според accuweather, NOAA, NASA и др., за разлика од летото, се очекува есента во јужниот дел на Балканот и во Македонија да биде релативно потопла од просекот, особено во ноември и декември.
Како и да е, секое годишно време е интересно по своите карактеристики, па така, во следните 3 месеци може да уживаме во убавините и пријатните есенски денови.
Автор: Бојана Алексова, студент на наставна географија