X
 03.09.2024 Колумни

Новиот септемвриски почеток - обврски и должности

Среќно и успешно во новата учебна година, на сите наставници, ученици, родители и засегнати во воспитно-образовниот процес. Обично дополнуваме: со лесно! Така некако, на секој септемвриски почеток, си посакуваме најубави желби за новата школска година. И така треба да биде, односно да надвладува позитивното размислување. Правите просветари треба да бидат и да останат оптимисти, затоа што со песимизмот не се оди напред.

Дел од обврските кои, всушност, се и должности во наставата:

Со самиот почеток на учебната година се отвораат и обврски кои, всушност, претставуваат и должности на сите што треба да продолжиме со поучување и учење. Заемно поврзани се термините: обврска и должност. И тоа не е нешто ново, туку традиција која секоја година треба се почитува, не само на почетокот, туку во текот на целата учебна година. За своите деца, родителите го посакуваат најдоброто, па се трудат да го обезбедат сиот потребен прибор за работа во училиште, онака како што ќе наложат барањата од наставниците. Да, точно е дека без учебник не бидува наставен час, затоа што тој е првото и основно наставно средство за работа на часовите. Секој друг материјал е само додаток или прилог во наставата. Но, ете, се најавува дека за следната учебна година учебници по странски јазици ќе има. Па, ќе видиме. Значи, тргнуваме од првата должност, а воедно и обврска - обезбедување наставен прибор со кој ќе се работи во наставата. Постојат и хуманитарни акции кои се организираат на ниво на училишта или од други организации, што е навистина за поздравување, односно донираат школски прибор за ученици на кои им е потребен, зависно од домашната социјална положба. Потоа, со самото започнување на наставата, за самите ученици и наставници важат кодекси за однесување, етички кодекси... тука секако е програмата за советување ученици и родители-старатели, за кои надлежна е стручната служба во училиштата (педагог, психолог, социјален работник, дефектолог итн.). Значи, најважно нешто што мора доследно да се почитува за да постои работна клима, секако, се наставните кодекси, за кои најодговорни се наставниците, особено одделенските и класни раководители, затоа што тие им ги читаат и ставаат до знаење на учениците. Оваа обврска и должност мора задолжително и континуирано да се следи и почитува, затоа што се случува и да се подзапостави. А кога нешто не се учи и применува континуирано, тогаш се оди во погрешен правец и оттука започнуваат проблемите. За да не биде така, мораме, сите да имаме во предвид со какви возрасти работиме и да изнаоѓаме начини да ги натераме и убедиме како учениците да ја сакаат училницата во која престојуваат и со тоа, самото училиште и претпоставените во него. Мотивот и волјата за работа, само и единствено, го дава главниот менаџер на часот – наставникот. Како тој ќе се постави, така ќе важат и ќе се почитуваат правила и барања. Затоа што, и тоа е обврска и должност, колку ќе работиме и како ќе работиме со децата, за да очекуваме напредок и успешни резултати од нив. 

Неизоставен дел се и родителите, кои од дома, треба многу сериозно и посветено да влијаат врз своите деца, па и да ги ограничат во некои задоволства што им ги даваат со цел да им возвратат, дека можат да учат и да бидат паметни, чесни, одговорни и разбрани. Соработката е клучна, која мора да постои континуирано во воспитно-образовната работа, а тоа значи колку и како се следи напредувањето на ученикот, што постигнува и кое поведение го покажува, потреби, барања, очекувања итн., значи тој синџир на поврзаност: родител-наставник-ученик-директор-стручна служба, задолжително мора да се одвива уште од самиот септемвриски почеток и во текот на целата учебна година. Ако тоа успешно се спроведува, тогаш полесно ќе се согледуваат пропусти и сл. Оваа, според мене, е најважната обврска и должност во училиштата, а не само надвор од нив и по телефон. Мора да постои лично соочување, разговор, односно следење на ученикот и исполнување на неговите задолженија. Свесни сме дека генерациите се менуваат, веројатно тоа се должи на брзиот технолошки напредок, а со тоа и брзиот начин на живот, па затоа сите да дејствуваме одговорно и посветено, односно да не ги запоставуваме основните обврски и должности со самото пречекорување на школскиот праг, па и надвор од него.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни