Името Денис Нилсен Дес се изговарало со гадење и страв во раните 80-ти години кога бил уапсен во Лондон за убиство на најмалку 15 мажи и момчиња. Приказната за неговите злосторства, кои делумно се разрешени, е претворена во триделна мини-серија што за брзо време стана хит.
Незабележителен службеник со години убивал луѓе, а начинот на кој ги прикривал трагите, а потоа ладнокрвно зборувал за своите злосторства ја згрози јавноста, па и сега, со најновата
серија не ви е сеедно. Дејвид Тенант го глуми Денис Нилсон и неверојатно потсетува на него, додека главниот инспектор што го водел случајот го глуми Даниел Мајл. Во облакот чад од цигари што во тоа време се пушеше и со смешните фризури од тој период, пред вас се одмотува клопчето од неверојатни злосторства на маж кој медиумите го нарекуваа „нежниот убиец“.
Дес убивал кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години на минатиот век. Неговите жртви претежно биле студенти и бездомници кои ги носел во својот дом за секс или за друштво. Ги убивал во текот на ноќта, додека спиеле, давејќи ги или потопувајќи ги во када, а потоа ги чувал со денови и недели.
Кога се ослободувал од трупот, го користел знаењето стекнато во војска, палејќи ги и закопувајќи ги во дворот од својот дом. Кога се преселил во стан, ги фрлал коските во веце-шолјата, па така и бил фатен, бидејќи ја затнал канализацијата, па водоводџијата наишол на човечки остатоци и ја известил полицијата.
Дес бил уапсен во 1983 година поради повеќекратни убиства. На полицијата ѝ се извинил што не го знае точниот број на жртвите и нивните имиња, но инспекторите што го воделе случајот се сомневале дека цело време ги лажел и намерно го криел идентитетот на луѓето што ги убил. Во станот биле најдени остатоци од тројца луѓе, а во дворот од куќата каде што претходно живеел биле пронајдени најмалку 13 мртви луѓе. Дел сo помош на убиецот, дел преку истрагата, полицијата успеала да идентификува само шест жртви, но Дес бил обвинет и за уште шест обиди за убиство.
На крај бил осуден на доживотен затвор поради шесте докажани убиства и двата докажани обиди за убиство. Починал во затвор во 2018 година поради проблеми со стомакот.
Фото: Screenshot/YouTube