На крајот од 2020 година, „Хјундаи“ објави дека купи акции во напредната роботска компанија „Бостон дајнемикс“. Сега задача на роботите е да се грижат за фабриките.
Ова не е шега. Американската компанија „Бостон дајнемикс“ е производител на еден од најнапредните роботи во светот. На почетокот од 2021 година групацијата „Хјундаи“ купи 80 отсто од акциите на „Бостон дајнемикс“.
Засега роботите на „Бостон дајнемикс“ се користат за рекламни цели, но наскоро ќе почнат да ги чуваат фабриките.
Пред неколку дена „Хјундаи“ објави кратко видео на својата веб-страница во кое роботот Спот патролира низ напуштена фабричка хала.
Новата верзија сега се вика „Фактори сејфти сервис робот“, а целта е безбедност во производствените капацитети. Роботот може да се контролира од далечина или може да се движи самостојно благодарение на вештачката интелигенција.
Неговата главна задача е да ги следи индустриските простории, да открие можни опасности и да спречи нивна ескалација. Благодарение на тоа, работната средина на луѓето станува побезбедна, а работата полесна.
Покрај електронскиот мозок, роботот е опремен и со уреди што му овозможуваат да се ориентира во просторот: инфрацрвени камери и LiDAR (ласерски радар).
Благодарение на напредните алгоритми за вештачка интелигенција, роботот ќе може да открие и луѓе и закани и ќе ги поддржува тимовите што се грижат за безбедноста на индустриските постројки кога вработените ќе си одат дома.
„Хјундаи“ најавува дека технологиите развиени од
„Бостон дајнемикс“ ќе се користат во сите компании во групацијата.
Фото: Screenshot/YouTube