Хакерите го користат стравот од коронавирусот на јавноста за да украдат лозинки и да шират штетен софтвер, велат повеќе фирми за сајбер-безбедност и експерти за компјутерска безбедност.
Процесот е едноставен. Хакерот испраќа електронска порака која изгледа дека доаѓа од официјален владин извор, на пример, Центарот за контрола на болести. Во пораката се бараат лични информации и се испраќа линк на кој корисникот треба да притисне и на тој начин хакерот шири штетен софтвер или краде корисни податоци.
Фото: Pixabay
Компанијата за сајбер-безбедност „Чек поинт“ во извештај открива дека најпопуларната кампања од овој стил што го користи коронавирусот за да шири штетен софтвер била откриена во Јапонија. Во неа биле испраќани електронски пораки кои изгледале дека известуваат за ширењето на вирусот во повеќе јапонски градови. Корисниците биле поттикнати да отворат документ кој презема штетен софтвер на компјутерот кога ќе се отвори. Овој софтвер потоа собира лични информации од компјутерот на жртвата.
Но, не секој напад на хакер бара преземање софтвер од страна на корисникот. Во еден случај необична електронска адреса која изгледа дека е од Центарот за контрола на болести им пишува на жртвите и ги известува дека вирусот се проширил во град во нивна близина. За повеќе информации, жртвата треба да притисне на линк до друга интернет-страница, која бара од корисникот повторно да ги внесе електронската пошта и лозинката.
Фото: Pixabay
Треба да се запомни дека властите не испраќаат известувања до сите електронски адреси. Ниту една организација нема да им испрати пошта со прикачен документ на сите жители. Доколку добиете ваква пошта, веројатно е обид за хакерски напад. Проверете ја адресата и обидете се да пронајдете печатни грешки. Компјутерските криминалци следат трендови. Она што станува популарно во медиумите, станува популарно и во оваа заедница.
Извор:
Vice.com