X
 03.06.2019 Образование

Дали би успеале да го положите приемниот испит на „Оксфорд“?

Управата на престижниот Универзитет „Оксфорд“ одвреме-навреме објавува примери од приемните испити на различни факултетски насоки, а веб-страницата „Инди100“ објави неколку од нив.

Директорката на одделението за создавање приемни испити, Самина Кан, вели дека прашањата најчесто се состојат од академски разговори од насоките на кои студентите сакаат да студираат и нагласува дека е поважно да покажат на кој начин ги користат и ги анализираат информациите.

- Без оглед на досегашното образование и можностите што ги имале кандидатите во животот, разговорот е можност да покажат колку се заинтересирани и колку се способни за избраните студии бидејќи не е потребно само рецитирање на она што веќе сте го научиле - вели таа.

Ова се прашања што кандидатите треба да ги очекуваат.

oksford

1. Што некој роман или драма го прави „политички“? (модерни јазици, француски)


Според Хелен Свифт, испитувач од Универзитетот „Св. Хилда“, ова прашање се поставува за да се провери личниот став на студентот создаден врз основа на прочитаната литература и општата култура.

- Добрите кандидати најчесто покажуваат волја и способност за вклучување во подлабоки разговори и развивање идеја низ разговор. Нормално е да се менува мислењето во текот на разговорите - сакаме кандидатите да размислуваат флексибилно и да земат предвид различни перспективи - вели Хелен Свифт.

2. Oколу еден од четири смртни случаи во Велика Британија е поврзан со некоја форма на рак, но на Филипините таа бројка е само еден од десет. Кои фактори би можеле да влијаат врз оваа разлика? (медицина)


Во ова прашање не постои само еден точен одговор. Како и повеќето други прашања, создадено е да поттикне дискусија и да го стимулира размислувањето. Крист Норбуреј од колеџот „Квинс“ предлага неколку потенцијални одговори.

- Некои кандидати ќе прашаат од каде доаѓаат овие податоци и колку се веродостојни или, пак, колку е просечниот очекуван животен век во други делови од светот. Некои, пак, ќе се насочат кон тоа дека одредени животни стилови и навики во Велика Британија се лоши за здравјето, што е исто така интересна насока за дискусија - вели тој.

3. Според вашето мислење, што е вклучено во обвинувањето некого? (филозофија)


Иан Филипс од колеџот „Св. Ана“ објаснува што се надева дека ќе слушне како одговор.

- Кај ваквите прашања не бараме вистински одговор. Кандидатот може да биде креативен во пронаоѓањето примери и предлози и може критички и внимателно да размислува за своите импликации. Некои би можеле да сугерираат дека вината е покомплексна пресуда отколку само правење нешто погрешно. Наместо тоа, други би тврделе дека вистинската вина бара некој вид чувство на вина: гнев или огорченост - вели тој.

4. Големо истражување покажува дека постарите браќа/сестри постигнуваат подобри резултати на тестовите за интелигенција од помладите браќа/сестри. Зошто би можело да се случува ова? (експериментална психологија)


- Тоа е прашање што од кандидатот навистина бара да размислува од многу различни аспекти на психологијата. За време на дискусијата им наведуваме на студентите да размислуваат за научни фактори, како што се возраста на мајките, и анализа на набљудувањето (редоследот на раѓање може да влијае врз однесувањето и врз резултатите од тестовите) - вели Кејт Ваткинс.

- И тука не постои точен одговор. Секогаш сме заинтересирани да слушнеме нови објаснувања што досега не сме ги слушнале. Она што нè интересира се размислувањата што кандидатите ги користат и прашањата што ги поставуваат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование