X
 22.10.2024 Наука

Прв ваков подвиг во светот: Швајцарците поставуваат соларни панели на пругите

Швајцарскиот стартап „Сан-вејс“ доби зелено светло за тригодишен проект во кантонот Нешател, а работата треба да започне напролет наредната година.

Резервоарите, фармите и површините покрај патиштата би можеле да станат нови места за соларни панели кои во Швајцарија ќе бидат поставени по должината на пругата како тепих, што е прв подвиг од ваков вид.

Иако други компании имаат слични идеи, „Сан-вејс“ е првата која го патентира системот, кој подоцна може да се отстрани, во соработка со Швајцарскиот федерален институт за технологија во Лозана.

- Ова ќе биде првпат по должината на пругата да бидат инсталирани соларни панели, а преку нив ќе можат да минуваат возови - изјави извршниот директор на компанијата, Џозеф Скудери.

Фактот дека оваа иновација може да се отстрани значи многу бидејќи шините одвреме-навреме треба да се одржуваат и чистат.

Како ќе бидат поставени соларните панели?


Швајцарската компанија ќе користи механички системи за поставување на соларните панели. Воз развиен од швајцарската компанија „Шеучцер“ ќе поставува панели додека се движи по пругата.

- Ќе биде исто како да ширите тепих - велат од компанијата.

Панелите најпрво ќе се склопуваат во фабриката, а ќе бидат широки еден метар. Наводно, ќе можат да се поставуваат и до 1.000 квадратни метри панели дневно.

За време на тригодишната пробна фаза 48 соларни панели ќе бидат додадени на дел од патеката долга 100 метри, а цената на проектот е 623.000 евра.

Електричната енергија што ќе се произведува ќе се враќа во мрежата и ќе ги напојува домовите.

Теоретски, панелите би можеле да се постават по целата швајцарска железничка мрежа долга 5.317 километри и би можеле да зафаќаат површина еднаква на 760 фудбалски терени.

Освен во Швајцарија, слични проекти оваа компанија развива и во Шпанија, Романија и Јужна Кореја. Но, патот до успехот е долг бидејќи многумина се загрижени дека панелите можат да имаат микро-пукнатини или да придонесат за избувнување на пожари на зелените површини, како и тоа дека рефлектирачката светлина може да им пречи на машиновозачите. Но, од „Сан-вејс“ велат дека овие панели се поотпорни и можат да имаат филтер што би спречил рефлексија.

Извор: 6yka.com
Фото: ABACA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука