X
 15.11.2021 Живот

Во фабрика за автомобили „вработиле“ 50 овци и неколку магариња

Во фабриките за автомобили се потребни многу работници, но се чини дека тие не мора да се само луѓе. Фабриката на „Фолксваген“ во Тенеси, САД, моментално има вработено 4.000 луѓе и стадо од 50 овци кои помагаат во новиот соларен проект на компанијата.

Соларниот парк на „Фолксваген“ е изграден во 2013 година и претставува едно од најголемите соларни полиња со кои управува произведувачот на автомобили во САД. Системот од 9,5 мегавати обезбедува 12,5 отсто од електричните потреби на фабриката во време на полно производство, благодарение на 33.600 соларни модули распоредени на површина од 33 хектари покрај фабриката.

Фото: volkswagengroupofamerica.com

Но, сигурно се прашувате каде се овците во целата приказна. Имено, за соларните фарми е потребна цврста земја, поради што голем проблем е ерозијата. За да се спречи тој процес, од голема помош е тревата, но таа треба да се одржува за да не порасне над соларните панели и тоа е работата на овците.

- Овците ја одржуваат тревата ниска со пасење и газење, а соларните панели им обезбедуваат ладовна на овците, намалувајќи го топлотниот стрес во лето - истакнува Лоран Шаленбергер, водач на проектот за обновлива енергија на „Фолксваген“.

Од компанијата наведуваат дека е важно за улогата да се ангажираат само овци бидејќи козите, кои исто така би можеле да ја одржуваат тревата, имаат тенденција да скокаат на соларните панели и да ги џвакаат жиците. Меѓутоа, овците не се единствените ангажирани животни. Имено, има и неколку магариња - „спасувачи“, чија задача е да ги предупредуваат овците на какви било закани од дивината.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот