X
 05.11.2018 Здравје

Лек за рак: Како да се убие убиец

Револуционерната работа на имунолошкиот систем на телото и новите испитувања на лекови покажуваат дека лекот против ракот може да биде реален.

Минатиот месец Нобеловата награда за медицина им беше доделена на две научни откритија затоа што го револуционизирале третманот против ракот и фундаментално го промениле начинот на кој може да се третира ракот. Еден од наградените беше и Џим Алисон за неговиот напредок во имунотерапијата за рак. Неговото откритие резултирало со трансформативни резултати за пациентите со рак и радикална нова насока за истражување на ракот.

Сепак, многу пациенти со рак, па дури и докторите, речиси не чуле за имунотерапија на ракот или одбиваат да веруваат. Оние што слушнале се обидуваат да пронајдат смисла за новите опции.

- Појавата на имунотерапијата на ракот се случи толку брзо, што е тешко за научниците, а камоли за докторите и пациентите да го следат сето тоа - објаснува д-р Даниел Чен, онколог на „Стенфорд“ и истражувач кој помогнал во новите откритија за ракот.

1
Фото: Alamy Stock Photo


- Бранот од податоци и понатаму нѐ учи за фундаменталните концепти за интеракцијата на човечкиот имунолошки систем и ракот кај човекот. Исто така. носи и важни пристапи кон лекувањето, а можеби и лек за ракот. Значи, овие податоци треба да се дисеминираат што е можно побрзо - вели Чен.

Се проценува дека речиси на 40 отсто од луѓето ќе им биде дијагностициран рак во текот на животот, а до неодамна имавме три основни опции за справување со оваа вест. Операцијата е достапна речиси 3.000 години. Терапијата со радијација е достапна од 1896 година, а во 1946 година истражувањата доведоа до употреба на хемотерапијата. Неодамна започнавме да го труеме ракот преку лекови што се обидуваат да го изгладнат туморот или да му се прекине снабдувањето на крвта.

Овие традиционални техники се ефикасни во половина од случаите. Но, ги оставаат другата половина од пациентите на „цедило“. Според Меѓународната агенција за истражување на ракот, тоа се 9.055.027 смртни случаи низ светот само во 2018 година.

Нашата вообичаена одбрана против болеста е нашиот имунолошки систем, кој извршува одлична работа за сортирање на она што не му припаѓа на телото така што го напаѓа - освен кога станува зборот за ракот. 100 години причините за овој очигледен неуспех беа мистерија. Пробивот на Џим Алисон беше сознанието дека имунолошкиот систем не го игнорирал ракот. Наместо тоа, ракот користел трикови со кои се исклучувал имунолошкиот систем. Но, што ако можат да се блокираат овие трикови и да се ослободат Т-клетките, кои се убијци пуштени од имунолошкиот систем против оваа болест?

Она што го откри Алисон вклучувало протеин на Т-клетката наречен „CTLA-4“. Кога се стимулира, „CTLA-4“ дејствувал како прекинувач на имунолошкиот одговор. Овие сопирачки ги задржувале клетките-убијци да не излезат од контрола и да ги пробиваат здравите клетки на телото. Ракот ги искористил овие кочници за да преживее и да напредува.

Во 1994 година лабораторијата на Алисон развила антитела што го блокирале „CTLA-4“.  Кога го инјектирале во канцерогените глувци, антителата се заглавиле зад „педалот“ за сопирање на „CTLA-4“ и го спречиле прекинот на нападот на Т-клетките. Наместо тоа, Т-клетките ги уништиле туморите и го излекувале ракот.

Она што го пронашле на крајот им донело Нобелова награда. Им биле потребни 15 години пред конечно да тестираат дали она што функционирало кај глувците ќе функционира и кај луѓето.

Блокирањето на „сопирачките“ на имунолошкиот систем се покажало дека предизвикува сериозна токсичност кај некои пациенти.

2
Џим Алисон
Фото: EPA

- Брзо научивме дека имунотерапијата не е без нусефекти - објаснува д-р Џед Волчок, имунотерапевт за рак и еден од примарните истражувачи во клиничките испитувања на Алисон.

- Но, исто така, бевме сведоци и на некои извонредни работи. Кај некои пациенти со терминална фаза 4, во само неколку дена, успешно беше излекуван ракот. Никогаш не се заборава тоа - додава тој.

Во 2011 година анти „CTLA-4“ лекот добил одобрување како „ipilimumab“ (трговско име „Yervoy“) за лекување меланом; оттогаш е одобрен за лекување на рак на бубрезите и на колоректален карцином. Како лек, спасил илјадници животи. И како доказ за концептот, успехот на лекот докажа дека имунолошкиот систем всушност може да биде оружје против ракот. Со тоа започна и потрагата по понови, подобри имунолошки контролни точки на проверка.

Првата што била откриена била наречена „PD-1“. Нејзиниот пронаоѓач, д-р Тасуку Хонџо од Универзитетот во Кјото, исто така ја доби овогодишната Нобелова награда за медицина. „PD-1“ е дел од еден вид тајно ракување што клетките на телото му го даваат на Т-клетките, велејќи: - Јас сум еден од вашите, не напаѓајте. Ракот го открил ова ракување, терајќи ги Т-клетките да веруваат дека тие се нормални, здрави клетки на телото. Но, тоа ракување може да биде блокирано, создавајќи попрецизна машина за убивање на ракот со помалку токсични несакани ефекти.

Во декември 2015 година втората генерација на контролни точки (наречени анти-„PD-1“ биле искористени за ослободување на имунолошкиот систем на Џими Картер за уништување на агресивен рак на црниот дроб и на мозокот. Вестите за чудесното закрепнување на 91-годишниот Џими ги изненадија сите, вклучувајќи го и него.

За многу луѓе, анти-„PD-1“ лекот „pembrolizumab“, одобрен минатата година и продаван под името „Keytruda“, беше единственото нешто поврзано со имунотерапијата против ракот. Овој лек во моментов е еден од најшироко користените лекови, одобрен за употреба против 9 различни типа рак во САД и во Велика Британија.

За истражувачи како Чен и други, ова е нашиот пеницилински момент во војната против ракот.

- Имунотерапијата не е без негативни последици - велат научниците. Се појавуваат токсицити откако ќе се ослободи одговорот на Т-клетките. Постои и економска токсичност на дозираните третмани за рак што доведуваат до трајна ремисија, но чинат повеќе од 1 милион долари. Друга загриженост, особено во руралните или недоволно засегнатите сектори, е пристапот до информациите и самите дроги и лекови. Како што вели Чен, не постои ништо побескорисно отколку терапевтски откритија против ракот за кои луѓето не знаат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје