X
 31.05.2024 Наука

Старите Египќани се обиделе да отстранат тумор со операција

Ракот често се смета за болест на модерното време. Меѓутоа, медицинските текстови од древен Египет покажуваат дека исцелители од тоа време биле свесни за оваа болест.

Нови докази од череп стар повеќе од 4.000 години открија дека древните египетски лекари веројатно се обидувале да лекуваат одредени видови рак со операција.

Черепот му припаѓал на маж кој имал околу 30 до 35 години кога починал, а се наоѓа во колекцијата на лабораторијата „Дакворт“ на Универзитетот во Кембриџ во Обединетото Кралство.

Од средината на 19 век, научниците ги проучувале лузните на површината на черепот, вклучувајќи и повеќекратни лезии за кои се смета дека претставуваат оштетување на коските од малигни тумори.

Археолозите веруваат дека черепот е еден од најстарите примери на малигнитет во античкиот свет, кој датира помеѓу 2.686 пр.н.е. и 2.345 пр.н.е.

Но, кога истражувачите неодамна внимателно ги разгледувале лузните на туморот користејќи дигитален микроскоп и микрокомпјутерска томографија, откриле знаци на исеченици околу туморот, што сугерира дека биле користени остри метални инструменти за отстранување на израстокот, според истражување објавено во списанието „Фронтиерс ин медисин“.

egipet
Фото: Tondini, Isidro, Camarós

- Тоа било првпат човештвото хируршки да се справи со она што сега го нарекуваме рак - изјави постариот автор на истражувањето, д-р Едгард Камарос, професор на одделот за историја на Универзитетот во Сантијаго де Компостела во Коруња, Шпанија.

Но, не е познато дали исцелителите се обиделе да ги отстранат туморите додека пациентот бил сè уште жив или дали туморите биле отстранети по смртта за анализа.

- Ако тие исеченици биле направени врз некоја личност додека била жива, ние зборуваме за некој вид третман директно поврзан со ракот. Но, ако биле направени постхумно, тоа значи дека станува збор за истражување на медицинска обдукција поврзано со тој рак - велат научниците.

Медицината во древниот Египет, која е опширно документирана во медицинските текстови како што се папирусот Еберс и папирусот Кахун, несомнено била софистицирана, а новите откритија нудат важен, директен доказ за ова знаење, вели д-р Ибрахим Бадр, вонреден професор на Катедрата за реставрација и конзервација на антиквитети на Универзитетот за наука и технологија Миср во Гиза, Египет.

- Гледаме дека древната египетска медицина не се засновала само на хербални лекови како медицината во другите древни цивилизации, туку директно се потпирала на хируршки практики - рече д-р Бадр, кој не бил вклучен во новото истражување.

Според него, технологиите на 21 век, како оние што се користат во новото истражување, откриваат досега непознати детали за медицинската уметност на древниот Египет.

Извор: CNN
Фото: Tondini, Isidro, Camarós
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука