X
 22.12.2018 Образование

Отворено писмо од наставничка до МОН

Почитувани надлежни,

И ете. Пред полугодие, ни стаса информација дека е завршена постапката за избор на компанија која ќе го одржува електронскиот дневник. Се воведуваат и извесни промени во неговата техничката функционалност. Се потенцира од Ваша страна дека сите податоци кои наставниците не ги внесуваа од почетокот на учебната година, сега ќе треба да бидат внесени - затоа што тоа е законска обврска.

Имам и мислење, и прашање и предлог и ќе кажам вака (зборувам во свое име, но сигурна сум дека со мене ќе се сложат сите мои колеги-администратори по училиштата):

Од стартувањето, значи од 2011-та година ја администрирам ЕМИС, подоцна преименуваната ЕСАРУ базата за моето училиште. Со три наставни предмети, со полн фонд на часови, со стотина ученици, со максимална посветеност во училницата. Без НИКАКОВ надомест - безмалку 8 години од мојот живот пред монитор, ноќе. Затоа што најчесто само тогаш можеше да се работи во базата, без паѓање на системот. Без исклучок, доцнење во оспособувањето на базата за внес од страна на надлежните, но без простор за мое доцнење - речиси без исклучок, неможни рокови. Сите мои колеги - администратори кои ја делат истата судбина, знаат што значи тоа. Кој притисок е тоа покрај сите обврски, оти и ние сме наставници и имаме тековни обврски и по тој основ, да стасаме да внесеме ученици, наставници, да ги поврземе со предмети, со класови и да не згрешиме притоа во таа маса на податоци, оти корекцијата не е едноставна. Кој притисок е тоа кога колегите постојано прашуваат до каде сме, оти и тие треба да почнат да внесуваат оценки и да запишуваат часови. Кој притисок е тоа кога не се води сметка дека ние сме наставници, а не административно-технички персонал и дека ваков тип на зафат бара многу време, труд, трпение, смиреност и познавања, секако. Кој притисок е тоа да се прифати дека и покрај се, се нема сенс за обемноста и одговорноста на таа работа - сите надлежни, стотици ученици и наставници кои на крај, кога се ќе биде готово, го гледаат конечниот продукт, електронскиот дневник - скоцкан и подготвен за работа. Од него не се гледа што има зад него. Тоа го знаеме само ние кои го направиме таков.

Нема веќе да прашувам зошто за нас нема надомест во било кој формат. Нема ниту да прашувам зошто нема униформност по ова прашање низ училиштата, затоа што сведочиме на шаренило и нееднаквост во поглед на нашиот статус и тоа го знаеме. И ние и Вие, почитувани надлежни.

Во оваа прилика само ќе дадам предлог:

Ако веќе се чекаше полугодие за да се најде компанија која ќе го одржува овој исклучително комплексен систем, а и поучени од досегашното искуство, не е ли веќе крајно време првин да биде целосно среден, оспособен, тестиран и со целосна сигурност подготвен за старт, па дури потоа наложен како обврска? Полугодие е. Зад нас имаме 4 месеци работа во класичните дневници. Првин ние администраторите ќе мора да се зафатиме со работа, што ќе рече и со максимален напор и со надеж дека системот ќе издржи, пак ќе ни треба некоја недела работа. Тоа значи, за време на распустот, под претпоставка да добиеме насоки од Ваша страна наскоро. Но ајде, да речеме дека ќе успееме и ќе си одмолчиме попат, како по обичај. Ние сме одговорни, сериозни луѓе. Осум години Ви го докажуваме тоа. Ќе папсаме од работа, ќе сме среќни што имаме разбирање од семејствата за кои по кој знае кој пат ќе имаме малку време и на крај покрај се, со гордост ќе си го гледаме трудот - оти навистина е за гордеење. Друго е прашањето што Вие тоа не го гледате.

Прашањето ми е сепак:

Што ќе се добие ако ние администраторите сега се зафатиме со мачната ни работа? На половина истечена учебна година? Што ќе се добие ако се пристапи кон масовно внесување на податоците низ сите училишта, што ќе рече повеќе од 20 000 наставници? Пак ли ќе гледаме репризно издание на малтретирање кое во основа нема врска со нашата базична работа-работата со деца, оти во грч да стасаме, пак ќе ги запоставиме, почитувани надлежни. Ионака училницата одамна го нема оној прекрасен воспитно-образовен здив, меѓу другото и заради ваквите необмислени зафати кои ни ја пренасочуваат енергијата во сосема друг правец. Но за тоа - во друга прилика.

Не е ли подобро, попрофесионално, поиздржано, конечно почесно кон нас администраторите, кон нас и како наставници, кон останатите колеги наставници и кон децата, да го направите системот веќе еднаш со сите нишани полека, без трчање, без импровизации, без притисоци? Да стартува наесен? Среден, со од Ваша страна, префрлени неопходни податоци уште во август?

Оти вака, почитувани надлежни, ќе гледаме и живееме само уште еден чин од непрофесионалната пиеса која предолго е на репертоарот. Ја научивме наизуст веќе. И да, одамна не заслужува аплауз.

Во надеж дека сепак најпосле ќе здогледате колку е важно да се сослушуваме меѓусебно, Ви посакувам среќна, попрофесионална Нова година, во која заеднички ќе се бориме. За децата. Го заслужуваат тоа.

Елизабета Секирарска, профеосрка во СОУ Перо Наков - Куманово

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование