X
 16.11.2018 Култура

Наставничка од Русија стана јутјуб-ѕвезда: Им ги поправа граматичките грешки на новинарите

Руска видеоблогерка има стотици илјади прегледи на нејзиниот јутјуб-канал што го отворила пред само еден месец. На нејзините видеа таа ги поправа ТВ-ѕвездите поради граматиката и грешките во изговорот.

Татјана Гартман вели дека го создала каналот „Науката против телевизијата“ бидејќи повеќе не можела да ги слуша новинарите и нивните соговорници кои на телевизија во Русија прават граматички грешки.

- Кога ќе го вклучам телевизорот и гледам предавачи и дописници кои не знаат руски, навистина ме погодува - изјави Гартман.

Нејзината прва жртва бил популарниот пејач и забавувач Иван Ургант.

- Како и секоја жена во Русија постара од 40 години, не можам, а да не го сакам Иван, но никому не можам да му простам толку лош руски, па ни нему - вели таа.

Уште повеќе контроверзии предизвикал нејзиниот напад на Виталиј Каченко, новинар од владиниот „Канал 1“. Тој во извештајот грешно изговорил збор во извештајот за Крим, каде што во средината на октомври биле убиени 20 студенти.

Татјана не сакала да коментира дали нејзината критика е соодветна, со оглед на околностите.

- Им изразувам сочувство на сите што страдаат поради оваа ужасна трагедија, но тоа на Виталиј не му дава право да прави грешки - вели таа.

Гартман повеќе не работи како наставничка на училиште, туку за телевизиско студио, но и понатаму дава часови по руски јазик. Таа е оптимист и верува дека нејзината кампања ќе стигне до телевизиските продуценти. Секогаш ги завршува видеоснимките со реченицата: - Се надевам дека повеќе нема да се видиме бидејќи сите овие новинари наеднаш ќе почнат да зборуваат совршен руски јазик.

Но, засега, нејзините неделни граматички напади продолжуваат.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура