X
 22.12.2020 Живот

Дали „Нетфликс“ е новиот Холивуд?

Ерата на „Нетфликс“ донесе нов процес на снимање филмови кој им дава слобода на режисерите да создаваат содржини според своја идеја, а не на продукциска куќа. Но, суштинскиот момент е дека фанатиците што порано трошеле пари на блокбастери, сега трошат на „Нетфликс“, и тој факт го продолжува развојот на компанијата. „Нетфликс“ на еден начин ја спасува филмската индустрија од фиксиран модел за кој постои опасност идните генерации на филмски љубители да не го ценат

Пишува: Стефан Митиќ, студент на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби

Основана во 1997 година, „Нетфликс“ започна како компанија за изнајмување филмови што доставува дивидија по пошта до своите претплатници. Во 2008 година „Нетфликс“ ja пушти во употреба својата веб-страница и направи револуција во семрежно емитување преку интернет, правејќи ја една од најуспешните платформи за семрежно емитување (стриминг) денес.

Веб-страницата на „Нетфликс“ го води пазарот на онлајн-стримингот со повеќе од 139 милиони претплатници, најмногу од сите слични компании што нудат услуги за стриминг и е достапна во над 190 земји во светот.

- Вие сте сведоци на раѓањето на една глобална ТВ-мрежа - прогласи коосновачот и извршен директор на „Нетфликс“, Рид Хестингс, во својот говор на Саемот за потрошувачи на електроника во 2016 година.

Концептот на глобална мрежа или глобална публика е клучен за успехот на „Нетфликс“. Дел од процесот на брзата интернационализација на овие термини вклучувал додавање преводи и синхронизација на мноштво јазици, како и инвестирање во локално создадени извори на содржини за привлекување странски пазари. Во 2018 година „Нетфликс“ произвела оригинална содржина на 17 различни пазари.

И покрај нејзиниот ефикасен деловен модел и брзата реакција на различни пазари, што е тоа за „Нетфликс“ од уметничка перспектива што ја направи услугата за гледање филмови и серии кога и да посакаат корисниците толку неверојатна?

Бидејќи „Нетфликс“ има пристап до глобалната публика, пошироката разновидност на побарувачка му овозможува да понуди поширок спектар на содржини. За разлика од ограничените блокбастер архетипски форми на Холивуд, полесно е да се продава индивидуализирана содржина на „Нетфликс“, каде што побарувачката не мора да биде голема, туку содржината треба да е лесна за пронаоѓање.

- Можеме да потрошиме помалку на маркетинг и сепак да создадеме поголема гледаност, дури и од помал, чуден, помалку традиционално комерцијален материјал. Тоа значи дека можеме да преземеме поголем ризик - спомена Тед Сарандос, главен директор за содржини во „Нетфликс“.

„Нетфликс“ масовно инвестираше во оригинална содржина со буџети поголеми од најпознатите производствени компании во Холивуд. Само во 2018 година „Нетфликс“ потроши меѓу 12 и 13 милијарди долари за оригинална содржина. Меѓу најгледаните серии произведени од стриминг-гигантот се „Боџек Хорсмен“, „Црно огледало“ „Почудни нешта“ и моментално најпопуларните „Дамски гамбит“ и „Круната“.

Како што објавија од „Канадски бизнис“, Елизабет Бредли, заменик-претседател на „Нетфликс“ за аквизиција на содржина, изјави: „Она за што нашите оригинални серии беа многу свесни беше - што е тоа што можеме ние да го лиценцираме на пазарот врз основа на тоа што е традиционално достапно на телевизија и што е тоа што телевизијата не го прави?

Многумина се радуваат на вниманието посветено на разновидните карактери и кастингот на разновидни актери затоа што така се овозможуваат подлабоки и посложени портрети на луѓе кои се дел од маргинализираните заедници на општеството и нивните проблеми. Емисиите како што се „Портокаловото е новото црно“, „Осмо сетило“, „Queer Eye“ и „Наркос“ ја трансформираа стереотипната претстава на тие заедници што претходно беше забележана во сериите и филмовите.

За успехот на компанијата не придонесе само развојот на интернетот како глобална мрежа, туку и алгоритамот што се користи на страницата. Алгоритамот постојано учи за желбите на корисниците, создавајќи приспособено искуство со цел да одговара на секоја индивидуа. Штом нешто ќе се изгледа, веднаш се препорачува слична содржина што може да го интересира гледачот.

„Нетфликс“ во суштина ја трансформира уметноста на гледањето филмови и серии.

Фото: Pixabay

Со тоа што има разновидни опции, се дава авторитет на гледачот во однос на бирање содржина за гледање, за разлика од порано, а да не ја ни споменувам можноста за гледање епизоди одново (бинџање). Новооткриената слобода на гледање му дава целосна контрола на гледачот дозволувајќи му да гледа колку што сака и колку што може во моментот. Заврши потребата да се напушти домот и да се вози до кино или да се заглави со ограничениот избор на серии на телевизиските мрежи.

Ерата на „Нетфликс“ донесе нов процес на снимање филмови кој им дава слобода на режисерите да создаваат содржини според своја идеја, а не идеја на продукциска куќа. Но, суштинскиот момент е дека фанатиците што порано трошеле пари на блокбастери, сега трошат на „Нетфликс“, и тој факт го продолжува развојот на компанијата. „Нетфликс“ на еден начин ја спасува филмската индустрија од фиксиран модел за кој постои опасност идните генерации на филмски љубители да не го ценат.

Тогаш, дали „Нетфликс“ е новиот Холивуд?

Холивуд е едно место, додека „Нетфликс“ е виртуелен простор со разновидна публика. Тоа што ја прави компанијата посебна е што нејзините гледачи се визуелно пописмени и се космополитски настроени, затоа се потрошувачи во меѓународниот пазар.

Без оглед на различните мислења за „Нетфликс“ како платформа, компанијата е „велесила“ во индустријата за забава. За разлика од претходните златни векови на кино и ТВ, „Нетфликс“ доминира во оваа златна доба на стриминг.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот