X
 11.11.2024 Култура

Како Балканците станаа новите „злобни Руси“ во холивудските филмови?

Без разлика дали се работи за вестерн или акционен филм од осумдесеттите години од минатиот век, „храбриот Американец“ во филмовите секогаш се борел против Кинезите, Индијанците, Јапонците, Мексиканците, Германците и Русите, а судејќи по поновите блокбастери, на ред дојдоа Балканците.

Додека во филмот „Експендаблс“ се појавуваат „злобни Босанци и Срби“, а во филмот „Тејкен“ Лијам Нисон ја спасува ќерката од албанска банда, во најновиот филм со Бред Пит и Џорџ Клуни се појавуваат дури две мафии, и тоа ривалски, составени од Албанци и Хрвати. Сцената од свадбата можеби совршено опишува како некои Американци гледаат на луѓето од Западен Балкан - во кич клуб, со темнокоси мажи во светли костуми кои се гушкаат и танцуваат на гласна музика и извикуваат „хеј, хеј, хеј“. Секако, не е изоставена ни огромната количина алкохол.

Зошто баш Балканците?


Во очите на холивудските продуценти балканските народи како да се совршената опција за новиот антагонист. Балканците не се, како што пишува „Гардијан“ во текстот „Вулфс“, класични белци, што може да се разбере на повеќе нивоа, без разлика дали станува збор за колонизација или историја на комунистички режими. Историјата на Балканот во очите на САД не е сосема добро сфатена, а за тоа многу говори посетата на канадскиот психолог Џордан Питерсон на Словенија во 2018 година.

Тој за време на предавањата во Љубљана за Словенија рече дека била држава која долго време била „заклучена зад железната завеса“, поим поврзан со имагинарната граница која го делела влијанието на советските држави и Западот.

Оваа изјава е само симптом на погрешната перцепција, која со помош на „најјакото американско оружје“, Холивуд, успеа да ги претстави комунизмот и социјализмот како директни синоними за студена војна и сталинизам. Иако Југославија била социјалистичка земја, таа на никој начин не била сталинистичка. Напротив, Југославија била една од државите што го создале движењето на неврзаните. Меѓутоа, ова не било од големо значење за американската филмска индустрија бидејќи идеолошките основи на комунизмот и социјализмот се појави што тие „сакаат да ги мразат“.



Што е заднината на феноменот на „опасен Балканец“ во американските филмови?

Балканците во поновите филмови, особено оние снимени во првата деценија на 21 век и подоцна, се прикажани како негативци и „опасни момци“. Во заднина на овој феномен е комбинација од многу фактори, од историското наследство на Балканот до војните што се случувале, а особено оние од 90-тите. Балканот во медиумските извештаи е прикажуван како подрачје на војни и насилство. Поради мало истражување, многу сценаристи ги земаат здраво за готово овие информации, па се потпираат на тие стереотипи поради што и настануваат ликовите во филмовите.

За побивање на стереотипите за „варварските Балканци“ не помогна ни сè поголемата присутност на балканските криминални групи во Европа, кои често беа вклучени во трговија со луѓе, дрога и оружје. Во време кога Русите почнаа да стануваат клише, Балканот дојде како „убаво освежување“, доволно специфично за разликување со груб акцент и поинаков изглед, но и многу егзотичен и непознат за западната публика.

Автор: Теодора Шкобо
Извор: nin.rs
Насловна фотографија:Youtube (printscreen)
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура