X
 06.11.2017 Култура

Научниците препорачуваат да гледате хорор-филмови - еве зошто

Истражување спроведено од Универзитетот во Вестминстер открива дека напнатите хорор-филмови предизвикуваат согорување на 113 калории.

Во основа, тоа е еквивалент на 30-минутна прошетка. Секако, не е исто затоа што не сте во природа, не дишите свеж воздух и не вежбате. Истражувањето, првично нарачано од компанијата за изнајмување ДВД - „Ловфилм“, ги мерело пулсот, кислородот и испуштањето на јаглеродниот диоксид кога испитаниците гледале хорор-филмови.

До крајот на истражувањето резултатите покажале дека бројот на калории што се трошат при гледање на филмот се зголемил за една третина.

Филмовите за кои се сметало дека се најстрашни биле оние што согорувале најмногу калории бидејќи предизвикуваат физичка реакција и ги забрзуваат срцевите отчукувања.

„Како што пулсот се забрзува и крвта побрзо кружи околу телото, така самото тело доживува бран на адреналин“, вели д-р Ричард Мекензи, кој го спроведувал самиот тест.

Токму ослободувањето на брзо дејствувачкиот адреналин, произведен при кратки експлозии на интензивен стрес, го намалува апетитот, ја зголемува базалната метаболичка стапка и на крај согорува повисоко ниво на калории.

Учесниците во истражувањето биле поканети да гледаат 10 избрани хорор-филма за да видат кој е најефективниот согорувач на калории. Излегува дека „Сјаење“ на Стенли Кјубрик од 1980 година е на прво место, со просечно 184 согорени калории, во текот на двочасовното траење на филмот.

Ова се топ-10 хорор-филмови што најмногу согоруваат калории:

1. „Сјаење“ - 184 калории
2. „Ајкула“ - 160 калории
3. „Егзорцист“ - 158 калории
4. „Вонземјанин“ - 152 калории
5. „Пила“ - 133 калории
6. „Кошмарот во улицата на брестови“ - 118 калории
7. „Паранормална активност“ - 111 калории
8. „Проект - Вештерката од Блер“ - 118 калории
9. „Тексашкиот масакар“ - 107 калории
10. „Рец“ - 101 калорија
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура