Глобална студија нарачана од Меѓународната конфедерација на здруженија на автори и композитори (CISAC) покажала дека вештачката интелигенција може значително да ги загрози приходите на вработените во музичката индустрија.
Според студијата спроведена од агенцијата за истражување и консултантски услуги „ПМП стратеџи“, вработените во музичкиот сектор ќе изгубат речиси четвртина од својот приход во следните четири години поради генеративната вештачка интелигенција. Освен во музичката индустрија, вработените во аудио-визуелниот сектор ќе се соочат и со пад на приходот за повеќе од 20 отсто, паралелно со растот на пазарот на генеративна вештачка интелигенција од три милијарди на предвидените 64 милијарди евра годишно до 2028 година.
Меѓународната конфедерација на здруженија на автори и композитори претставува повеќе од пет милиони автори низ светот. Додека бумот на вештачката интелигенција значително ќе ги збогати големите технолошки компании, извештајот заклучува дека без регулаторна заштита, авторските права и приходите ќе бидат драстично намалени.
Претседателот на конфедерацијата на здруженија и поранешен член на групата АББА, Бјорн Улвеус, ги истакнал Австралија и Нов Зеланд како водечки земји во обликувањето на политиките што ќе ги заштитат креативците од генеративната вештачка интелигенција. Политиките на овие земји, според неговото мислење, би можеле да обезбедат вештачката интелигенција да служи како алатка за подобрување на човечката креативност, наместо да ја замени.
Авторите на студијата предупредуваат дека според сегашните регулаторни рамки во повеќето земји, авторите губат на два фронта. Првиот е неовластеното користење на нивните дела во режија на „ГЕН АИ“, а вториот е стеснувањето на просторот за креативна работа бидејќи постои можност делата генерирани од вештачката интелигенција да станат конкуренција на оние чии автори се луѓе.
- Вештачката интелигенција може да отклучи нови и возбудливи можности, но мораме да прифатиме дека, ако е лошо регулирана, има моќ да им нанесе голема штета на човечките творци, нивните кариери и средства за живот. Кое од двете сценарија ќе победи? Ова во голема мера ќе биде определено од одлуките на креаторите на политиките и законодавците. Клучно е да ги заштитиме правата на авторите и да помогнеме да се развие средина што ги штити човечката креативност и култура - истакнал Улвеус.
Извештајот предвидува дека до 2028 година, експоненцијалниот раст на генеративната музика со вештачка интелигенција ќе претставува околу 20 отсто од приходите на традиционалните платформи за стриминг-музика и околу 60 отсто од приходот на платформи како „Спотифај“ и слични.
Програмерите на вештачка интелигенција и давателите на услуги во музичката индустрија би можеле истовремено да ги зголемат приходите. Но, како што се предупредува, тоа ќе биде приход директно од нелиценцирана репродукција на дела заштитени со авторски права.
Проектираната загуба на приходи ќе биде значајна и за аудио-визуелните креатори. Најизложени ќе бидат преведувачите и адаптерите за синхронизација и титлување, со загрозување на 56 отсто од нивните приходи, додека ризикот за сценаристите и режисерите се проценува на 15 до 20 отсто од нивниот приход.
Потпретседателот на конфедерацијата на здруженија, филмски режисер и сценарист Анхелес Гонзалес-Синде Реиг вели дека алатките за вештачка интелигенција можат да ја поддржат и да ја зајакнат работата на филмаџиите, но исто така постои огромна загриженост дека во брзањето да се искористи и монетизира генеративната вештачка интелигенција, креаторите ќе бидат третирани како со ретроспектива, без право на овластена употреба на нивните дела.
- Студијата ја истакнува потребата од етички и економски здрави политики кои ги ставаат правата на креаторите во самиот центар на светот на вештачката интелигенција. Човечките творци мора да бидат во центарот на политиката и регулативата - заклучил тој.
Извор: lidermedia.hr
Фото: Freepik