X
 27.09.2024 Здравје

Алатка базирана на вештачка интелигенција го намалува ризикот од смрт кај хоспитализираните пациенти

Дали вештачката интелигенција (ВИ) може да помогне во намалувањето на смртните случаи во болница? Систем базиран на вештачка интелигенција може да го намали ризикот од неочекувани смртни случаи со идентификување на хоспитализираните пациенти со висок ризик од влошување на здравјето, покажало новото истражување објавено во „Журнал на Канадската медицинска асоцијација“. 

Брзото влошување на состојбата кај хоспитализираните пациенти е примарна причина за непланиран прием во единицата за интензивна нега.

Истражувачите од „Јунити хелт“ - Торонто, ИЦЕС и Универзитетот во Торонто ја проучувале ефективноста на „ЧАРТВач“, систем за рано предупредување базиран на вештачка интелигенција, кој се користи на одделението за општа интерна медицина во болницата „Свети Мајкл“, по 3 години развој и тестирање.

Студијата опфатила 13.649 пациенти на возраст од 55 до 80 години примени на одделението за интерна медицина (9.626 во периодот пред интервенцијата и 4.023 користејќи „ЧАРТВач“), како и 8.470 примени во супспецијалистички единици кои не користеле „ЧАРТВач“. За време на 19-месечниот интервентен период, 482 пациенти на одделението станале високоризични пациенти, во споредба со 1.656 пациенти кои станале пациенти со висок ризик во периодот пред интервенцијата, долг 43 месеци. Имало помалку палијативни смртни случаи во групата „ЧАРТВач“ отколку во групата пред интервенцијата (1,6% наспроти 2,1%).

-Бидејќи алатките за вештачка интелигенција се користат во медицината, важно е тие внимателно да се проценат за да се осигури дека се безбедни и ефективни. Нашите наоди сугерираат дека системите за рано предупредување базирани на вештачка интелигенција ветуваат намалување на неочекуваните смртни случаи во болниците - истакна д-р Амол Верма, клиничар-научник во болницата „Свети Мајкл“.

Редовните комуникации помогнале да се намалат смртните случаи бидејќи „ЧАРТВач“ ангажирал лекари со предупредувања во реално време, со испраќање е-пошта двапати дневно до тимовите од медицински сестри и дневна е-пошта до тимот за палијативна нега. Тимот, исто така, создал патека за грижа за пациентите со висок ризик со зголемен мониторинг од страна на медицинските сестри, подобрена комуникација помеѓу нив и лекарите, како и поттикнувања да се охрабрат лекарите повторно да ги оценуваат пациентите.

- Оваа студија покажува како системите за вештачка интелигенција можат да ги поддржат медицинските сестри и лекарите во обезбедувањето висококвалитетна нега - велат авторите на студијата.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје