X
 23.01.2017 Култура

Некогаш биле најголеми богаташи, но сѐ потрошиле

Вандербилтови биле едно од најбогатите семејства во американската историја, но со текот на времето изгубиле речиси сè.

Семејната историја почнува со Корнелиус Вандербилт, кој на 11-годишна возраст го напуштил школувањето, за неколку години подоцна да позајми 100 долари од својата мајка за да го купи својот прв брод. Во 1829 го купил и својот прв пароброд , а десетина години подоцна, веќе бил сопственик на флота од 100 пароброди. Тогаш и го добил прекарот „Комодор“, што ќе го носи до крајот од животот.

Комодор не запрел тука, па по завршувањето на Граѓанската војна во САД го проширил својот бизнис и на железничкиот сообраќај, и тоа со голем успех. Дури успеал да обезбеди и монопол врз возовите што доаѓале и заминувале од Њујорк.

И додека на деловен план нижел успеси, со своето потомство не успеал да воспостави добри односи. Најстариот син, Вилијам Хенри, честопати го нарекувал „ветрогон и лекоумен“. Токму Вилијам го наследил најголемиот дел од семејното богатство, по смртта на Корнелиус во 1877 година, кое во денешни услови изнесувало нешто помалку од три милијарди долари.

imot
Фото: Wikimedia Commons

На своите ќерки Корнелиус им оставил по околу еден милион долари, што и натаму било „баснословен“ износ. Семејството се обидело да го поништи тестаментот на Корнелиус, но по година и пол помината по судовите, Вилијам Хенри ги добил парите. И само за девет години успеал двојно да го зголеми наследството.

Со неговата смрт во 1899 почнал и падот на семејството Вандербилт. Неговите синови наследиле богатство кое било проценето на повеќе од шест милијарди долари во денешен износ.

Вилијам Кисам Вандербилт се оженил за Алва Ерскин Смит, која најмногу била заинтересирана за организирање забави и балови. За да го зацементира семејството Вандербилт како припадник на највисоката општствена класа, таа организирала бал каде што секоја поканета гостинка за подарок добила скапоцен ѓердан од „Тифани“.

Наместо да се занимаваат со проширување на бизнис империјата по американскиот запад, Вандербилтови организирале балови и се занимавале со изградба на луксузни куќи. Во тој период, семејството успеало да купи или да изгради десет луксузни вили на славната „Петта авенија“ во Њујорк. Џорџ Вашингтон Вандербилт Втори го потрошил поголемиот дел од наследството на изградба на имот во Северна Каролина.

Имотот на Вандербилтови

До дваесеттите години од минатиот век, новата даночна политика ги стигнала и Вандербилтови. Во текот на Големата депресија, тие морале да ги продадат повеќето  недвижнини кои ги поседувале. Во Њујорк им останал  само еден недвижен имот во нивна сопственост.

Семејното наследство почнало да се разделува меѓу сè поголем број наследници, а во меѓувреме се променила и транспортната индустрија. Прочуеното богатство на Вандербилтови се истопило како снежна топка на светло мајско сонце.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура