X
 23.01.2020 Живот

Од Африка се преселила во Хрватска и сега бесплатно храни луѓе во нејзиниот ресторан

Околи Кикеломо има 38 години, мајка е на три деца и родум е од далечната Нигерија. Таа веќе седум години без резерва се внесува во нејзиниот проект, кој е за пофалба. Некои ја знаат и како Мама Вик - таа така ја нарекла својата кујна во која секојдневно храни гладни Хрвати.

Во недостиг на подобар израз, нејзиниот локал во Загреб ќе го наречеме ресторан. Таа вели дека ѝ пречи таквата категоризација бидејќи таа не води ресторан, туку хуманитарно здружение чија цел е да ги нахрани сите што не се гладни само за леб, туку и за љубов и имаат желба да ја запознаат неа и веселата култура што ја донела од Африка.

Во нејзиниот ресторан нема ценовник. Секој е добредојден, а се плаќа на основа на донации. Оставате колку можете или не оставајте ништо, ако навистина нема каде на друго место да јадете. Целата храна Околи ја готви сама, а дневно храни помеѓу 70 и 200 лица.

Таа вели дека отсекогаш сакала да им помага на луѓето. Уште како тинејџерка во Нигерија водела кујна во која хранела гладни деца. Кога стигнала во Хрватска, едноставно ја продолжила традицијата. Основала свое здружение и почнала со работа во „Мама Викс кичен“. Најпрвин работела во помал локал, па денес вели дека малку ѝ недостига непосредниот контакт кој претходно го имала со луѓето што ѝ оделе на ручек. Но, во новиот локал во кој неодамна се преселила има повеќе простор. А тоа значи и помалку гладни лица во градот. Во нејзините очи тоа е сметка што се исплати.

Од друга страна, нејзината работа предизвикува чудење кај луѓето зашто некој речиси бесплатно во центарот на градот секој ден храни десетици луѓе. Но, таа објаснува дека на Африканците заедништвото им е на прво место. Помагањето на луѓето таму не е нешто што е резервирано за телефонски повик кога се организира некоја хуманитарна акција. Помагањето на луѓето е секојдневна и нормална појава. Во иста мера им носи среќа и на оние што помагаат и на оние што добиваат помош. Можеби тоа е причината зошто повеќето Африканци без оглед на сè секогаш се насмеани.

Тоа воедно е и она што најмногу ѝ недостига од татковината. Заедно со сонцето, нормално. Животот таму тече по улиците. Забава има на секој чекор и дури и во најмалите нешта. Луѓето танцуваат, пеат, се смеат. Уживаат во заедништвото. Не ги носат проблемите на чело. Околи вели дека сите треба да се угледаат на Африканците и така ќе бидат посреќни.

Инаку, Околи во Хрватска стигнала пред седум години. Таа, за разлика од многу други, не заминала од Африка затоа што морала. Заминала затоа што сакала да види како се живее во другите земји. Прво била во Италија, но набрзо се заљубила во Загреб. Се поврзала со Црвениот крст и научила сè што е потребно за да започне со работа во сопствено здружение наречено „Африка во моето срце“. И тука некаде е почетокот на нејзината приказна со кујната.

Фото: Tportal

Со оглед на тоа дека готви егзотична храна, барем кога станува збор за Балканот, сите би очекувале намирниците да бидат увезени. Всушност, добар дел од зачините и некои зеленчуци ги нарачува од Холандија, но поголемиот дел од храната, сепак, го купува таму каде што пазаруваат и Хрватите - на пазар. Таму, како што вели таа, сè е свежо, здраво и поевтино отколку во продавниците.

- Кога работиш со ограничен буџет и притоа инсистираш на квалитетни намирници, пазарите се најдобро место за набавка - вели таа и додава дека Хрватите се добри и подготвени за помош.

Храната што ја готви Околи се базира на традиционални нигериски рецепти кои таа како мала ги учела од баба си, која своевремено имала ресторан.

Неодамна во кујната ѝ се придружиле и нејзините деца. По неколкугодишна разделеност, таа конечно успеала да им ги реши визите. Тоа бил долг процес со многу пречки, но ништо не ја уплашило. Тие сега учат хрватски и велат дека воопшто не им е тешко.

Во меѓувреме Околи се омажила за Хрват, со кого е во брак 4 години и иако сармата ѝ е омилено хрватско јадење, вели дека сепак не научила да ја прави од свекрвата, туку од пријателка. Вели дека би било супер да се измеша традиционалната хрватска со традиционалната нигериска храна, но моментално во нејзината кујна таа готви само испробани рецепти.

Кујната не е единствениот хуманитарен проект во кој е вклучена оваа Нигеријка. Таа помага со храна, донира пари кои на крајот од месецот ѝ остануваат во благајната и прави многу други нешта. Вели дека не се плаши ни од можноста да мора да го напушти големиот простор во кој неодамна се преселила нејзината кујна. Ќе се врати во помалиот, ќе готви во нејзината кујна и во својот дом ќе храни луѓе на кои тоа им е потребно. Не постои начин да се предаде или да престане да го прави тоа што го прави.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот