Со помош на технологијата CRISPR се создадени пилиња отпорни на чест вирус, што би можело да го подобри и зголеми производството на јајца и месо во светот.
Пилињата со модифицирани гени не покажале никакви знаци на болести, дури ни кога биле изложени со високи дози на вирус на птичја леукоза (АЛВ), односно вирусот кој им создава проблеми на многу одгледувачи на птици.
Кокошките заразени со тој вирус се разболуваат, слабеат, стануваат депресивни и често развиваат тумори. Вирусот се пробива во нивните клетки така што се врзува со протеинот
наречен пилешки NHE-1 (chNHE-1).
Генетичарот Јири Хејнар од Чешката академија на науките и неговите колеги уште порано покажале дека со отстранување на три ДНК-нуклеотиди од chNHE-1 генот, кој го сочинува овој протеин, се спречува инфекција на клетките со вирусот АЛВ. Но, таа промена се случувала кај ограничен број клетки, а не во целата кокошка.
Ниеден вид кокошки ја немаат природно таа
мутација, па тоа својство не можеле да го репродуцираат со одгледувањето.
Така, во 2017 година Хејнар развил напредна метода на генетичка модификација во која користел изменети надворешни клетки за да може кај стерилизираните петли повторно да воспостави производство на семенски материјал. Со тоа подоцна успеал да создаде и петел со сперматозоиди кои во себе имаат запишано прецизно бришење во генот chNHE-1.
Преку вкрстување на потомците, тие создале јато кокошки кои го имале ова бришење во двете копии на генот.
Од компанијата „Биофарм“ сега разговараат со производителите на пилешко во Виетнам и во Кина за воведувањето на оваа генетичка модификација кај комерцијалните видови.
Хејнар исто така планира да ја користи CRISPR за да ги направи пилињата отпорни и на други вируси, како птичјиот грип. Ако успее во тоа, тој би влијаел и врз здравјето на луѓето бидејќи вирусот преминува и кај човекот и постои страв дека негов мутиран вид би можел да предизвика смртоносна глобална пандемија.