X
 23.02.2019 Живот

Мистериозното исчезнување на документите на Никола Тесла по неговата смрт

Никола Тесла бил еден од најголемите пронаоѓачи и визионери на сите времиња. По неговата смрт американската влада ги презела сите документи што ги поседувал за да спречи да стигнат до непријателите.

Не се знае што работел овој голем човек непосредно пред неговата смрт. Но, со оглед на значењето на неговата претходна работа, разбирливо е што властите се обиделе да ги земат документите и да ги класифицираат како државна тајна додека не бидат разгледани. Поголемиот дел од неговата работа подоцна бил достапен за јавноста, но некои од материјалите се чини дека биле изгубени.

Есента 1937 година Тесла го напуштил хотелот „Њујоркер“ за да ја посети катедралата и библиотеката. Додека ја преминувал улицата, бил удрен од такси, по што паднал на земјата.

Инцидентот сериозно му го оштетил грбот и му скршил три ребра. Но, бидејќи воопшто не се консултирал со доктор, степенот на неговите повреди не е познат до ден-денес. Со оглед на тоа што имал 81 година, тој воопшто не закрепнал од несреќата, која сигурно влијаела врз неговата психа и врз самодовербата.

Тесла бил човек кој ја сакал самотијата, така што поголемиот дел од неговиот живот го поминал оддалечен од општеството. Бил среќен кога бил сам и не сакал толпи, па затоа често го поминувал своето време во работилницата.

По несреќата Тесла сѐ повеќе време поминувал во својата хотелска соба со број 3327, на 33-тиот кат. Според вработените во хотелот, ретко имал посетуван и јадел специјално подготвена вегетаријанска храна. Кога дозволувал персоналот од хотелот да влезе во неговата соба, тој секогаш им велел да стојат на растојание од него (на 91 см). На 8 јануари 1943 година Никола Тесла бил пронајден мртов токму во неговата соба. Подоцна било утврдено дека починал на 7 јануари во 22:45 часот. Собарката што го пронашла веднаш повикала лекар, кој го прегледал Никола. Набрзо лекарот го прогласил за мртов, а по некое време било откриено дека причината за смрт најверојатно била коронарна тромбоза. Ова е предизвикано од згрутчување на крвта во крвните садови на срцето што го ограничува протокот на крв и на крајот доведува до срцева слабост. Обично се поврзува со атеросклероза или со висок холестерол и масти на ѕидовите на крвните садови.

Коронарната тромбоза обично е резултат на висок холестерол, пушење, седентарен начин на живот и хипертензија. Тесла ретко пиел чај или кафе, престанал да пуши во 20-тите, имал низок холестерол и не консумирал храна богата со масти. Очигледно несреќата со таксито имала големо влијание врз него. Тажен и неизвесен крај на еден од најголемите визионери на светот.



Идеите на Никола Тесла станале сѐ поинтересни кон крајот на неговиот живот. Тој почнал да покажува знаци на опсесивно-компулсивно нарушување, на пример, бил опседнат со бројот три. Честопати трипати ја шетал улицата пред да влезе во зградата. За време на оброкот тој барал три салфетки да бидат поставени покрај неговата чинија. Опсесивно-компулсивното однесување не било сфатено во тоа време и се сметало за лудило.

До 81. година Тесла ја завршил динамичката теорија на гравитацијата. Иако најавил дека теоријата ги разработува сите детали, тој никогаш не ја објавил. Од она што еднаш го изјавил се чини дека се обидувал да ја објасни гравитацијата со користење електродинамика што се состои од попречни и надолжни бранови.

Бил познат по тоа што ја критикувал работата на Ајнштајн поврзана со релативноста.

Непосредно пред да умре, Тесла работел на вид оружје-телескоп, познат како „Дет Реј“. Ова било идеја со која бил опседнат, а на неговиот 84. роденден објавил дека е речиси подготвен да ѝ ја открие идејата на владата на САД. Телескопот бил поврзан со неговата претходна работа.

Пред смртта Тесла ги продал своите патенти за електрична енергија. И покрај тоа, тој бил многу сиромашен и починал оставајќи долгови.



Што се случило со документите на Тесла откако починал?

Веднаш по објавувањето на смртта, американската влада ги зела неговите документи. Поради природата на неговата работа, претседателот на ФБИ, Џ.Едгар Хувер, ги прогласил за тајни.

Набрзо потоа д-р Џон. Џ. Трамп (чичко на актуелниот американски претседател) бил назначен да ги разгледа документите за да открие дали има нешто од вистинска материјална вредност. Тој утврдил дека се од шпекулативен, филозофски и промотивен карактер и изјавил дека не вклучуваат нови звучни, употребливи принципи или методи за реализирање на такви резултати.



Поширокото семејство на Тесла, вклучувајќи го и неговиот внук Сава Косановиќ, очајно се обидувало да ги врати неговите лични документи. Дел од барањата на семејството биле прифатени, па дел од личните предмети на Тесла му биле вратени на семејството.

Неодамна декласифицираните документи откриваат дека од ФБИ биле загрижени за намерите на неговиот внук. Тие дури и сакале да го уапсат за да спречат документите да стигнат до непријателски раце. По долгата судска битка Косановиќ, вистинскиот наследник на имотот на неговиот чичко, конечно ги добил документите. Но, од 80 документи, само 60 пристигнале во Белград. Дали владата на САД зачувала некои информации, не се знае.

Ова доведе до повеќе теории на заговор за тоа каде се наоѓа исчезнатиот материјал. Но, по години исполнети со прашања, ФБИ во 2016 година конечно декласифицира околу 250 страници од документите на Тесла. Сепак, и покрај ова се чини дека дел од неговиот материјал сè уште недостига.

Се верува дека стратегиската одбранбена иницијатива „Војна на ѕвездите“ на Роналд Реган во 80-тите години била инспирирана од „Дет Реј“ на Тесла. Но, ако владата и понатаму користи некои од материјалите на Тесла за сопствен развој и истражување, ова би објаснило зошто некои од неговите оригинални материјали недостигаат.

Сите лични документи и работи на Тесла сега се сместени во Музејот на Никола Тесла во Белград.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот