X
 26.09.2020 Наука

Предвидувањата на Никола Тесла што станаа реалност

Инженерот, пронаоѓач и футурист Никола Тесла е еден од најпочитуваните луѓе во инженерството и науката. Неговиот генијален ум стои зад десетици изуми во производството, пренесувањето и примената на електричната енергија.

Тесла е најпознат по пронаоѓањето на моторот и преносниот систем на наизменична струја, кои се основа за системите за електрична енергија во домовите и зградите денес. Тој бил пионер и во областа на радиокомуникацијата.

Никола бил футурист. Многу од неговите предвидувања за технологијата во иднината помалку или повеќе го опишуваат денешниот свет, што е импресивно со оглед на тоа што Тесла бил роден во средината на 19 век. Тој сонувал за машини за земјотреси, камери што може да фотографираат мисли, безжична енергија, машини што може да создадат вештачки бранови и суперсонични воздушни бродови со електричен погон. Овие идеи не се реализирале, но многу од нив нудат поглед на иднината.


Фото: Wikipedia

Тесла точно го предвидел појавувањето на интернетот, смартфоните и безжичната комуникација. Тој играл улога во развојот на радиото, телевизијата, флуоресцентното осветлување, неонското осветлување, уреди контролирани со радио, роботика, х-зраци, радарот, микробрановите и десетици други изуми. Во напис од 1904 г. Тесла го опишал модерниот смартфон.

- Евтин и едноставен уред што може да се носи во нечиј џеб може да се постави некаде на море или копно и ќе ги запишува сите светски вести или такви специјални пораки што може да бидат наменети за него. На овој начин, целата Земја ќе биде претворена во голем мозок, како да е способна за реакција на секој нејзин дел - напишал тој.

Тесла верувал дека еден ден машините ќе имаат „сопствени умови“, односно го предвидел растот на роботите и вештачката интелигенција. Тесла направил брод кој го контролирал со радиобранови во време кога повеќето луѓе не разбирале дека радиобрановите постојат.


Фото: Wikipedia

Тој пишувал и за летечки машини кои нема да имаат крилја, пропелери и воздушни перничиња, туку ќе се потпираат на позитивните движења со електростатски и магнетни полиња. Тој верувал дека со овие уреди ќе се патува од Европа до САД за неколку часа и верувал дека авионите може да се напојуваат со безжична енергија. Тој верувал и дека нема да има граници во светот благодарение на овие авиони, иако денес авионите сè уште користат гориво и не донеле мир во светот.

Неговиот последен патент во 1928 г. бил за електропогонска машина за летање што личела на хеликоптер и авион. Се верува дека пред да почине, направил планови за мотор на вселенски брод.


Фото: Wikipedia

Тесла верувал дека светот е на работ на големо откритие за искористување на природната енергија. Тој сметал дека енергетските компании имале монопол и дека на наплаќањето на енергијата ќе му дојде крај. Тој сфатил дека енергијата е насекаде околу нас и дека треба само да ја искористиме.

Денес гледаме почетоци на ова што го предвидувал Тесла во децентрализирањето на енергетските структури. Се надеваме дека повеќе футуристички идеи на Тесла ќе станат реалност во блиска иднина.

Автор: Донован Александар
Извор: interestingengineering.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука