X
 30.05.2019 Живот

Живее во областа каде што се родил Тесла, а нема струја

Борис Мандариќ првин треба да оди по макадамски, потоа по каллив, речиси обичен полски пат за да стигне до својот дом во хрватското село Вребац.

Наутро тој си ги храни говедата. Се потсетува на времето од пред осум години кога нему и на неговата сопруга им било важно да избегаат од градот.

- Дојдовме овде, ни се допадна, убав поглед, сè е идеално. А потоа ќе видиш дека не можеш ова, не можеш она, не може никој да дојде, не можеш сам. Почнавме со овците на дедо, па преминавме на крави. Во меѓувреме и жената замина. Ѝ здосади, ништо не се случува, ги собра двете деца и се врати во Загреб - вели Борис и додава дека во тоа време и тој си мислел да замине.

Размислувал дали да ги продаде кравите, но на крајот останал. Истакнува дека сега може да живее од говедарство, но најголемиот проблем е почетокот.

- Од мое искуство, на младите би им препорачал добро да размислат пред да се впуштат во ваква авантура како што направив јас - вели Борис и објаснува дека повеќе од една година по пристигнувањето биле без електрична енергија иако имало жици.

- Живеам на неколку километри од местото каде што се родил Тесла, 21 век е, а ние немаме струја - вели Борис и додава дека не е приклучен ни на градскиот водовод, сам мора да ископа околу 700 метри до шахтата, а моментално не е во состојба.

А патот е посебна приказна. До неговата куќа водат три патишта, но на ниеден во близина на неговата куќа нема асфалт.

Но, тоа не е пречка за овој млад човек, кој во време кога многу млади одат да живеат во град или ја напуштаат Хрватска, дошол во село за да работи и да живее од таа работа.

- Ако не оди на друг начин, јас сам ќе се снајдам како и досега, но би ги прашал луѓето на власт, мора ли сè да биде баш така - вели Борис.

Светлината на крајот од тунелот за овој човек е тврдењето на службениците од градот Госпиќ дека ќе излезат на терен и ќе проверат дали можат да направат нешто за Борис да добие електрична енергија, да биде направен пат до неговата куќа и да биде приклучен на водоводната мрежа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот