Општата продажба на автомобили во Кина можеби опаѓа, но продажбата на електрични возила е речиси дуплирана од претходната година и првпат ја надминува бројката од еден милион.
Во 2018 година продажбата на електрични возила во Кина достигна 1,2 милион. Тоа е повеќе од половина од електричните возила продадени низ светот во истиот период, покажуваат податоците на германскиот Центар за соларна енергија и истражување на водородот „Баден-Виртемберг“.
По Кина на листата се САД, каде што минатата година биле купени околу 360 илјади електрични возила, што е околу една петтина од глобалната продажба.
Глобално, во светот сега има околу 5,6 милиони електрични возила.
Растот на продажбата на електрични автомобили во Кина доаѓа во време кога најголемиот пазар за автомобили во светот бележи пад на продажбата на обични автомобили - годишната продажба на автомобили во 2018 година опадна првпат во речиси три децении. Најновите податоци покажуваат дека продажбата на автомобили во јануари опаднала за околу 16 отсто во споредба со продажбата од пред една година, додека продажбата на електрични возила се зголемила за 140 отсто.
Земјата почна да се залага за зелен јавен превоз пред една деценија и интензивната владина поддршка за секторот вклучуваше и кратење на даноци за консументите и владини дотации за производителите.
Кинеската Асоцијација на производители на автомобили очекува оваа година продажбата на електрични автомобили да достигне 1,6
милион.