X
 31.05.2021 Наука

Кинеското „вештачко Сонце“ постави светски рекорд

Кина во петокот сруши рекорд со нејзиниот нуклеарен реактор - Експериментален напреден суперспроводлив токамак (EAST), кога 101 секунда ја одржуваше температурата на плазмата на 120 милиони Целзиусови степени, соопштија кинеските медиуми. Реакторот, исто така, можел 20 секунди да одржи температура од 160 милиони Целзиусови степени.

Колку за споредба, јадрото на Сонцето достигнува „само“ околу 15 милиони Целзиусови степени, според порталот „Спејс“. Тоа значи дека за миг кинескиот нуклеарен реактор бил повеќе од 10 пати пожежок од јадрото на Сонцето.

Тоа е големо достигнување за реакторот кој се нарекува „вештачко Сонце“. Реакторот е дизајниран да го копира процесот на нуклеарна фузија, процес кој природно се случува во Сонцето и ѕвездите, за обезбедување  речиси бесконечна чиста енергија преку контролирана нуклеарна фузија.

- Достигнувањето е значаен напредок, а крајната цел треба да е задржување на температурата на стабилно ниво подолго време - истакна Ли Мијао, директор на одделот за физика при Јужниот универзитет за наука и технологија во Шенжен, Кина.

Најновото остварување на реакторот е особено импресивно ако се земе предвид дека достигна рекордна температура од 100 милиони Целзиусови степени во 2018 година.

Лин Боикианг, директорот на Кинескиот центар за истражувања на економијата на енергетиката при Универзитетот во Сјамен, истакна дека нуклеарната фузија е иднината за чистата енергија, но нагласи дека веројатно ќе бидат потребни децении пред функционален реактор да излезе од експерименталните фази.

Без оглед на тоа кога ваквите реактори ќе се пуштат во употреба, овој развој сепак е неверојатно возбудлив и претставува само уште еден голем чекор кон претворањето на неограничената чиста енергија во реалност.

Извор и фотографија: Futurism
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука