Во дива галаксија оддалечена повеќе од половина милијарда светлосни години, астрономи детектираа молекуларен кислород. Ова е само трето вакво откритие надвор од Сончевиот Систем и прво надвор од Млечниот Пат.
Кислородот е третиот најраспространет елемент во универзумот, веднаш по водородот и хелиумот, па неговата хемија и изобилство во меѓуѕвездените облаци се важни за разбирање на улогата на молекуларниот гас во галаксиите.
Астрономите постојано бараа кислород со помош на милиметарска астрономија, која детектира радиобранови должини емитирани од молекули, и спектроскопија, која го анализира спектарот за да бара бранови должини апсорбирани или емитувани од одредени молекули.
Но, овие потраги открија нејасен недостиг од молекули на кислород, што значи дека детална слика од хемијата на кислородот во различни меѓуѕвездени околини сѐ уште не постои, истакна тим од астрономи предводен од Шуенџе Ванг од Кинеската академија на науките во нов труд.
Едно место каде што е детектиран молекуларен кислород е маглината Орион - се претпоставуваше дека во вселената кислородот се врзува со водородот во форма на мраз кој се лепи на прашината.
Но, Орион е ѕвезден расадник и можно е силната радијација од многу жешките млади ѕвезди да го турка водениот мраз во сублимација и да ги разделува молекулите, ослободувајќи го кислородот.
Тоа нè носи до галаксијата наречена Маркаријан 231. Оваа галаксија е специјална. Таа е оддалечена од нас 561 милион светлосни години и е напојувана од квазар. Тоа е екстремно сјајно галактичко јадро со активна супермасивна црна дупка во центарот. Тие се најсветлите објекти во универзумот и Маркаријан 231 го има најблискиот квазар до Земјата.
Всушност, астрономите мислат дека оваа галаксија може да има две супермасивни црни дупки во центарот, кои екстремно брзо се вртат една околу друга.
Активните галактички нуклеуси предизвикуваат молекуларни изливи, создавајќи континуирачки шокови од овој вид кои може да го ослободуваат кислородот од водата во молекуларни облаци. Молекуларните изливи во Маркаријан 231 се особено брзи, па Ванг и колегите решиле да бараат кислород.
Користејќи го 30-метарскиот радиотелескоп ИРАМ во Шпанија, тие четири дена ја набљудувале галаксијата низ повеќе бранови должини. Во тие податоци тие нашле спектрални траги на кислород, во согласност со хипотезата за шокови.
- Со длабоки опсервации кон Маркаријан 231 со користење на ИРАМ и НОЕМА првпат детектиравме емисии на молекуларен кислород во надворешна галаксија. Детектираните емисии на кислород се лоцирани во региони оддалечени околу 32.615 светлосни години од центарот на Маркаријан - истакнаа истражувачите.
Мерењата на тимот откриле дека застапеноста на кислородот во споредба со водородот била околу 100 пати повисока од онаа најдена во маглината Орион, па галаксијата може да е подложна на уште поинтензивна верзија од истиот процес на разделување на молекулите.
Насловна фотографија: Science alert