X
 23.02.2021 Живот

Објавен конкурсот за ангажирање попишувачи, ова се условите што треба да ги исполнувате за да се пријавите

Државниот завод за статистика го објави Јавниот конкурс за ангажирање реонски попишувачи и реонски инструктори. Во конкурсот е наведено за кое седиште и општина колку попишувачи и инструктори се потребни и тие се поделени според јазикот на кој ќе се врши попишувањето.

- При изборот на кандидатите што се пријавиле за реонски инструктори ќе се има предвид етничката структура на населението во соодветниот пописен реон. Од избраните кандидати за реонски попишувачи по пописни реони ќе бидат избрани 10% повеќе резервни попишувачи од табелата-колона за вкупно попишувачи - се наведува во конкурсот.

Заводот за статистика објави и електронска пријава за учество во пописот во својство на реонски инструктор/реонски попишувач, која, доколку сте заинтересирани, можете да ја пополните ТУКА.

- Избраните кандидати пред потпишување на договорот ќе бидат информирани за надоместокот за ангажманот - објаснуваат од Државниот завод за статистика.

Во повикот се наведува дека кандидатите што ќе се пријават на овој конкурс треба да ги исполнуваат следните услови:

а) Општи услови
• да се државјани на Република Северна Македонија,
• да се полнолетни,
• да имаат завршено најмалку средно образование и
• да немаат засновано работен однос.

б) Дополнителни услови
• познавање на работа со персонален компјутер и
• познавање на соодветниот јазик на заедницата според табеларниот преглед во конкурсот.

Кандидатите ќе се избираат со тестирање, кое ќе се спроведе во седиштата на комисиите на пописните реони за кандидатите што имаат место на живеење во соодветниот пописен реон. Пријавувањето може да се изврши само преку пополнување на електронската пријава, која е достапна на македонски и на албански јазик, и тоа во периодот од 23 до 28 февруари.

Фото: popis2021.stat.gov.mk

Откако ќе ја пополнат пријавата, заинтересираните кандидати треба да ги однесат потребните документи во хартиена форма во Државниот завод за статистика, ул. „Даме Груев“, бр.4 во Скопје, п.фах 506, најдоцна  до 1.03.2021 година или на денот на закажаното тестирање во просториите каде што ќе се спроведе тестирањето.

Потребните документи што кандидатите треба да ги достават се:

а) Доказ за државјанство – фотокопија од:
• лична карта или
• уверение за државјанство или;
• важечка патна исправа

б) Доказ дека има завршено најмалку средно образование - фотокопија од:
• свидетелство или
• уверение или
• диплома за завршено образование

в) Писмена изјава дека нема засновано работен однос

г) Писмена изјава дека има познавање од работа со персонален компјутер

Во повикот се наведува дека изборот од пријавените кандидати ќе се изврши во рок од 3 дена по тестирањето, а списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на веб-страниците на Државниот завод за статистика: www.stat.gov.mk и popis2021.stat.gov.mk.

Насловна фотографија: popis2021.stat.gov.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот