X
 31.03.2022 Живот

Бројот на населението во Гостивар се намалил за 21.000

Во кои општини е забележан најголем пад на бројот на населението

Податоците од пописот донесоа многу грижи по направените пресметки и уочувањето на фактот дека од последниот попис сме се намалиле за 185.834 лица.

Населението во Македонија изнесува 1.836.713 граѓани, додека бројот на нерезидентното население е 260.606 лица, од оние што се опфатени со пописот, соопшти денеска директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Уште на прв поглед при споредба на податоците со претходниот попис се забележува во кои општини има најголем пад на бројот на населението. Така, првото место без сомнеж го зазема Гостивар, каде што од последниот попис во 2002 година до сегашниот бројот на населението се намалил за енормни 21.272 лица. Имено, таму во 2002 година биле попишани 81.042 жители, а сега 59.770.

Потоа следува Струга, каде што во 2002 година живееле 63.376 лица, а сега живеат 50.980, што значи дека оваа општина загубила  12.396 жители.

Голем пад на бројот на населението има и во Битола, каде што во 2002 година имало 95.385 жители, а сега има 85.164, што е разлика од 10.221 жител.

Едноставна математика покажува дека само овие три општини се одговорни за околу една четвртина од вкупниот број за кој е намален бројот на населението. Односно, збирно, овие три општини се намалиле за 43.889 жители.

Истовремено, нашите пресметки покажаа дека во 20 општини од Источна Македонија бројот на населението е намален за вкупно 56.822 лица.

Во меѓувреме, Општина Прилеп се намалила за 7.743 лица. Имено, таму, според пописот од 2002 година, живееле 76.768 лица, а сега бројот на жители е намален на 69.025. Куманово, пак, од 2002 досега загубило 7.380 жители. Од 105.484 жители, колку што имало според пописот во 2002 година, оваа општина сега има 98.104.

Општина Велес се намалила за 6.645 лица. Податоците од пописот покажуваат дека сега таму живеат 48.463 лица, додека во 2002 година во оваа општина биле попишани 55.108 жители. Во Кочани е забележан сличен број на намалување. Имено, таму во 2002 година биле попишани 38.092 лица, додека сега се 31.602, што е намалување за 6.490 лица.

Има неколку општини кои се намалиле за 4-5 илјади жители, меѓу кои се Врапчиште, каде што бројот на населението се намалил за 5.557 (во 2002 биле 25.399, сега се 19.842); Желино, кадешто  е забележано намалување на бројот на населението за 5.402 жители (во 2002 биле 24.390, сега се 18.988), Теарце, каде што има намалување од 4.760 жители (во 2002 биле 22.454, сега се 17.694); Липково, каде што има 4.750 жители помалку (во 2002 биле 27.058, сега се 22.308); Струмица, каде што е забележан пад за 4.681 лице (во 2002 биле 54.676, сега се 49.995) итн.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот