01.06.2022
Живот
Нови податоци од пописот: Имаме речиси 19 илјади неписмени, 109 илјади невработени, 450 илјади издржувани лица
Државниот завод за статистика објави нов сет податоци од пописот на населението, домаќинствата и становите, кој беше спроведен минатата година.
Пописот покажал дека во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, според писменоста, регистрирани се 18.897 или 1,2 % неписмени лица, од кои 5.517 се мажи и 13.380 се жени.
Според највисокиот степен на школска подготовка, во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, регистрирани се: 23.192 лица или 1,5% без образование, 62.129 лица или 4,1% со незавршено основно образование, 423.456 лица или 27,8% со основно образование, 672.375 лица или 44,1% со средно образование, 263.349 лица или 17,3% се со високо образование, 29.654 лица или 1,9% се со магистратура, 6.037 лица или 0,4% се со докторат, а 45.174 лица или 3% се со непозната школска подготовка.
Од ДЗС додаваат дека пописот покажал дека според полето (видот) на највисокиот степен на школска подготовка, 189.736 лица или 18,7% се од областа инженерство, производство и градежништво, а само 19.044 лица или 1,9% се од областа информатичко-комуникациски технологии.
Од вкупното резидентно население на возраст од 5 години и повеќе, кои се во процесот на формалното (редовно) образование, 186.570 лица или 10,7% посетуваат основно образование, 80.378 лица или 4,6% се во средно образование, додека 93.804 лица или 5,4% се во високо образование, на магистратура и на докторски студии.
Вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе изнесува 1.525.366 лица, од кои 717.769 лица се дел од активното население, односно 608.520 лица се вработени, а 109.249 лица се невработени. Бројот на неактивните лица изнесува 768.549.
Според највисокиот степен на школска подготовка, најмногу невработени, 56.701 лице се со средно образование, од кои 34.313 се мажи и 22.388 се жени.
Според дејноста, најмногу вработени, 123.347 лица, има во преработувачката индустрија, од кои 65.751 се мажи и 57.596 се жени.
Во вкупното резидентно население, бројот на издржуваните лица изнесува 450.766.
Во вкупното резидентно население бројот на лицата со попреченост изнесува 94.412 и тоа 1,8% на возраст од 0 до 14 години, 43,5% на возраст од 15 до 64 години и 54,8% на возраст од 65 и повеќе години. Според видот на попреченоста, најголемо учество од 40,8% или 38.499 имаат лицата со тешкотии со движењето.