Во Македонија има вкупно 538.348 семејства, од кои 62 проценти живеат во урбана, а 38 проценти во рурална средина. Според семејниот состав, најмногу (43%) од нив се брачните парови со најмалку едно дете под 25 години што живее со нив, додека 31% се брачни парови без деца, покажува четвртиот сет на податоци од Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021, објавен денеска од Државниот завод за статистика.
Над 26 илјади семејства или 4,9% од семејствата се сама мајка со најмалку едно дете под 25 години, а над девет илјади семејства или 1,7% се сам татко со најмалку едно дете под 25 години.
Над десет проценти, или околу 58 илјади семејства се брачни парови со најмладо дете на 25 години или постаро што живеe со нив.
Вкупниот бројот на индивидуалните домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови во домаќинствата изнесува 3,1.
Според бројот на членови во индивидуалните домаќинства, 468.336 лица или 25,5% живеат во четиричлени домаќинства, додека бројот на лица во самечки домаќинства изнесува 103.237 или 5,6%.
Бројот на населените станови во земјава, според податоците од пописот 2021 изнесува 531.987 или 63,4% од вкупниот број станови.
Извор: МИА