Дејвид Розенхан и уште седум колеги и студенти, во периодот помеѓу 1969 и 1972 година, доброволно се пријавиле во осум различни психијатриски болници низ Америка, тврдејќи им на дежурните психијатри дека слушаат гласови. Лажните пациенти биле студенти на постдипломски студии по психологија, три психолози, педијатар, молер, домаќинка и психијатар, а осмиот Дејвид Розенхан.
Тие се жалеле само на гласовите што ги слушаат. Сите биле примени и останале во болница помеѓу 9 и 52 дена, со дијагноза на параноидна шизофренија. Кога влегле во одделението, продолжиле да се однесуваат нормално. И покрај тоа, им биле давани лекови, а персоналот не им верувал кога тие велеле дека состојбата им е подобрена. Така, тие биле пуштени од болница со дијагноза на параноидна шизофренија во ремисија. На повеќето од нив им било препорачано да продолжат да пијат лекови.
„Лекување“
Розенхан и колегите што учествувале во експериментот го нарекле искуството дехуманизирачко. Со нив не се разговарало, дневно биле во контакт со докторите и персоналот околу десет минути и речиси никој не ги посетувал.
Прво што забележале псевдопациентите било дека таму нема што да прават, односно се обиделе своето време да го поминат во разговор со други пациенти или со персоналот.
Забележале дека во просек, персоналот на болницата поминува 6,5 минути со пациент. Кога некој од вработените прашувал како се чувствуваат, тие им кажувале дека се чувствуваат добро и повеќе ги немаат симптомите што ги имале претходно.
Следејќи ги инструкциите на Розенхан, „пациентите“ секој ден воделе дневник за нивните активности. На почеток тоа го правеле скришно, меѓутоа, кога виделе дека никој не им обрнува внимание, својот дневник го воделе јавно, во дневната соба каде што биле и другите пациенти. Персоналот сметал дека водењето дневник било дел од нивното психичко нарушување. Единствените што забележале дека нешто не е во ред биле вистинските пациенти. Некои од нив дури тврделе дека псевдопациентите биле новинари или професори кои ја контролираат работата на болницата, и постојано им зборувале: „Што барате вие овде? Не сте болни, добро сте!“
Псевдопациентите биле во болницата до моментот кога докторите не им дозволиле да си одат. Еден од нив ситуацијата подоцна ја опишал на следниот начин: „Им кажав на семејството и пријателите дека ќе излезам кога ќе излезам. Ќе бидам таму неколку дена и ќе си дојдам дома. Никој не очекуваше дека ќе останам два месеца. Единствен начин да излезеш е да им кажеш дека се во право. Реков дека сум луд. Луд сум, ама ми е подобро, така им реков“. Во сите установи едвај имало интерперсонален контакт меѓу пациентите и вработените. „Тие поголемиот дел од времето го поминуваа по посебни простории заградени со стакло“.
Здрави со дијагноза на шизофренија
Во просек, таму останале 19 дена. Розенхан во болница поминал помалку од два месеца. Изјавил дека единствениот начин да излезете е да кажете дека сте луди, но дека ви е подобро.
Седум од нив биле пуштени со дијагноза шизофреничари (поточно: шизофренија во ремисија), а една личност со дијагноза на биполарно однесување. Персоналот не открил дека некој од нив бил лажен пациент.
По објавувањето на резултатите во магазинот „Наука“ во јануари 1973 година, под наслов „Да се биде здрав на нездрави места“, избил скандал. Розенхан тврдел дека психијатриските болници всушност се складишта за луѓе кои никој не ги сака и никој не ги сфаќа и дека докторите и персоналот не смеат да заборават дека нивните пациенти не се само збир на симптоми, туку несреќни човечки суштества.
Друг дел од експериментот
Бидејќи сите стручни кругови знаеле за првиот експеримент на Розенхан, овој ценет научник одлучил да контактира угледна клиничко-истражувачка институција и ја замолил да учествува во другиот дел од неговиот експеримент.
За овој експеримент Розенхан искористил позната психијатриска болница во која се спроведувала обука на студентите по психијатрија и усовршување на психијатрите со завидно искуство. Оваа болница, откако дознала за резултатите од првиот експеримент, тврдела дека кај нив тоа никогаш не би се случило.
Со управата на болницата било договорено во период од три месеци Розенхан да испрати нови псевдопациенти, а болницата на крајот да објави список од оние што ги открила.
На крајот, болницата соопштила дека меѓу 193 луѓе што се обратиле за помош открила 41 „псевдопациент“ и дека се сомнева на дополнителни 42 - иако Розенхан не испратил ниту еден лажен пациент. Сите одбиени луѓе биле вистински пациенти.
Овој дел од
експериментот станал темел на сите критики на модерната психијатрија; вовел многу револуционерни промени во самата работа на овие установи.