X
 23.04.2018 Образование

Сашо Саздовски, професорот кој подари скулптура на „Корчагин“: „Мост“ е посветена на сите колеги што се заложиле од учениците да изградат личности

Да се биде ликовен уметник, не значи дека е еднократно вложување, тоа едноставно е секојдневно градење. Одлуката да се биде уметник не е поврзана со финансии. Тоа е начин на живот

Кога уметноста не би постоела во училиштата, учениците би биле целосно лишени од визуелна комуникација. Јас вистински уживам во мојата работа. Пренесувањето на идејата за уметноста преку разговор со моите ученици ми е многу интересен процес, вели скулпторот Сашо Саздовски, професор по ликовна уметност во скопското средно училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“. Тој пред два месеца на училиштето во кое работи му ја подари монументалната мермерна скулптура „Мост“ – дело со силна симболика. Саздовски е еден од најреномираните македонски скулптори од поновата генерација.


Скулптурата „Мост“ беше откриена на патронатот на гимназијата - 20 февруари

Неодамна откривте своја скулптура во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. Што Ве поттикна да му подарите свое дело на училиштето во кое работите?

- Идејата дојде многу спонтано. Со директорот Јордан Лукаревски се договоривме да направам скулптура од мермер и да ја поставиме на травертинскиот блок, кој беше резервен постамент од бронзената скулптура на патронот на училиштето. Од идеја до реализација ни беа потребни околу две години, на што сум особено горд. Одлучивме дека би било најсоодветно за поставувањето да има свечено отворање на патронатот на училиштето – 20 февруари, годинава.

Мермерната скулптура ја нарековте „Мост“. Што Ве инспирира и за насловот и за формата?

- Скулптурата им ја посветувам на сите мои колеги, минати, сегашни и идни, за нивните заложби да ги изградат учениците во личности додека поминуваат низ патот на нивното образование. Таа се состои од два дела кои се во заемен сооднос. Едниот е потпора и ги претставува професорите кои го пренесуваат искуството и ги насочуваат учениците во текот на образовниот процес. Вториот се младите генерации што доаѓаат во допир со професорите. Скулптурата во целост е мост кој сите ние еднаш го поминуваме во процесот на созревање и се оспособуваме во иднина сами да ги донесуваме одлуките во животот.


Работејќи на дело во Словенија

Предавате ликовна уметност во средно училиште каде што најсилна страна на учениците се природните науки, математиката и информатиката. Колку е важна улогата на уметноста во оформувањето на децата во овој специфичен период од нивниот развој?

- Можеби изгледа дека уметноста како гранка е помалку важна, но кога таа не би постоела, учениците би биле комплетно лишени од визуелна комуникација. Во визуелна комуникација се буквално сместени сите знаци (писмо и слика) преку кои ние како луѓе секојдневно комуницираме. Ако не ја изучуваме во текот на образовниот процес, не би знаеле да ја препознаеме и би биле визуелно неписмени. Како ликовен педагог, сметам дека тоа би било трагично, особено во оформувањето на децата во адолесцентниот период од нивниот развој.

Долго време сте директно вклучени во образовниот процес во Македонија. Какви искуства стекнавте?

- Јас вистински уживам во мојата работа. Пренесувањето на идејата за уметноста преку разговор со моите ученици за мене е многу интересен процес. Уметноста никогаш не ја доживувам како еднонасочна порака. Таа мора да комуницира помеѓу авторот и гледачот, да се дискутира околу првичниот проблем, како е поставен и како на крајот е решен. Дали ја исполнува својата функција, да може да ја пренесе идејата кон гледачот или не.


Секој вид мермер има различни својства и е предизвик за работа

Во последните години со сопругата - мултимедијален уметник сте многу активни на меѓународната сцена. Како балансирате меѓу двете професии?

- Тешко е да балансирате помеѓу две работи што ви значат во животот, но не и невозможно. Јас сум човек кој не ги прифаќа стереотипите дека нешто е невозможно. Многу е лесно да се откажете од работа, ако не ви значи. Моето мото во животот е: „Никогаш не откажувај се, животот е борба“ и јас го уживам секој момент. Од друга страна, благодарен сум му на мојот колектив во „Корчагин“ за поддршката што ја добивам. Како ликовен уметник, го сакам предизвикот на истражувањето, потрагата по нова идеја, доживување. Тоа е главниот импулс што ме води напред, да го подигнам својот квалитет, да ги надминам своите претходни дела креирајќи нешто ново. Искуството од таквите истражувања што можам да ги споделам со моите ученици (доколку можам да ги поттикнам креативно да размислуваат) е од круцијално значење за мене. Секако, тука е и мојата сопруга, визуелен уметник, со која имам разбирање и ме поддржува во сите проекти, што е многу важно.


Во каменолом за мермер во Оман

Вие сте еден од ретките уметници што полека ја освојуваат сцената на Блискиот Исток. Тоа е финансиски моќна средина, но какво внимание ѝ посветуваат на ликовната култура воопшто?

- Се работи за држави со инстант-култура кои, поради географската положба и ресурсите, имаат големи финансиски средства. За разлика од нашите „барокни“ архитектонски и уметнички решенија, тие многу добро знаат да слушаат експертски ставови и паметно да ги реализираат во практика. Во споредба со Европа, каде што уметноста со векови се развивала и постепено се градела, на Блискиот Исток таквата култура е во зародиш, но мошне добро се поставени уметничките тенденции кон новото и модерното. Уметничките дела треба да го живеат моментот во кој се создадени, да го имаат размислувањето на сегашноста, а да гледаат кон иднината. Само така можат да се вбројат во историска културна вредност за идните генерации. Доколку делата се свртени кон минатото и се „прераскажани“, тогаш се без душа и уметнички безвредни, како примерот со проектот „Скопје 2014“.


Во Абу Даби

Како живее едно четиричлено семејство од ликовна уметност во Македонија?

- Да се биде ликовен уметник, не значи дека е еднократно вложување, тоа едноставно е секојдневно градење. Одлуката да се биде уметник не е поврзана со финансии. Тоа е начин на живот. Голема поткрепа ми е сопругата Пандора Апостолоска-Саздовска, со која се бориме заедно за да опстанеме, особено кога станува збор за издржување на четиричлено семејство. Во мојот случај тоа го дополнувам со професорската работа. Не можам да се пофалам дека тоа финансиски ги задоволува потребите за живот, но ви дава мотив да продолжите и да ги решавате проблемите на најкреативен начин.


Саздовски покрај своето дело во Доха, Катар

Вашиот материјал за работа е мермерот. Денес, кој најмногу купува скулптури?

- Секогаш ми е предизвик да работам во камен. Имам огромна желба да ги испробам можностите на различните видови камен низ светот. Таложењето на калциумот, силициумот, металите и другите состојки во каменот прави различна тврдина и бои кои овозможуваат многу принципи на обработка и финални ефекти. Поради тоа, често патуваме и изложуваме надвор од Македонија. Од една страна, ја презентираме културата на нашата држава, но со тоа оставаме и траен белег во државите што ги посетуваме. Што се однесува до љубителите на скулптурата, со „Скопје 2014“ малку се измести гледањето и односот кон скулптурата. Голем дел од публиката доби сосема погрешна претстава како треба да изгледа јавната скулптура или скулптурата воопшто. Затоа со сопругата се трудиме да го балансираме нашето присуство на домашниот, но повеќе сме фокусирани на странскиот пазар. Никаде не е идеално да пласираш уметнички дела. Но, полека успеваме да изградиме свој пазар, што некогаш бара огромни напори во однос на организација и комуникација.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование